Тешкотии со говорот и голтањето предизвикани од МС

Лицата со МС често имаат тешкотии при голтањето, состојба наречена дисфагија. Понатаму може да доведе и до тешкотии при говорот. Тоа се случува кога болеста ги оштетува нервите во мозокот и ‘рбетниот мозок кои се задолжени за извршување на овие функции.
Кај некои лица овие симптоми се во блага форма. Други пак потешко се справуваат со тешката форма на овие симптоми. Но, постојат третмани и техники кои можат да ви помогнат да го подобрите говорот и да го олесните голтањето.
Симптоми на тешкотии при голтање
Можеби се соочувате со։
- Кашлање или гушење додека јадете
- Чувствувате како храната да ви стои во грлото
- Добивате белодробни заболувања, како пневмонија, кои не можете да ги објасните
Кога не можете да ја голтате правилно храната или течностите наместо да ги внесете низ хранопроводот во желудникот, може да завршат во душникот. Откако ќе навлезат во белите дробови може да предизвикаат пневмонија или апсцеси (гноење). Исто така може да бидете изложени на ризик од неисхранетост или дехидратација бидејќи вашата храна и вода не стигнуваат до стомакот.
Симптоми на тешкотии во говорот
Тешкотиите во говорот кои ги предизвикува МС може да варираат во зависност од тоа кој дел на мозокот е оштетен. Кај некои лица симптомите може да бидат благи, додека некои се соочуваат со сериозни тешкотии во говорот. Проблемот кој на почетокот е суптилен може да се влоши со текот на времето.
Лицата со МС обично се соочуваат со неколку карактеристични тешкотии со говорот։
- „Скенирање“ на говорот, кога нормалната шема на говор на една личност е нарушена со долги паузи помеѓу зборовите или слоговите
- Нејасни зборови. Обично се случува поради ослабнатите мускули на јазикот, усните и устата.
- Проблем со промена на тонот на гласот
- Зборување “на нос”
- Тешкотија да се разбере она што се говори
Дијагностицирање
При прегледот вашиот лекар ќе ве праша за симптомите и ќе направи физички преглед обрнувајќи внимание на тоа колку добро функционира јазикот и другите мускули во устата и грлото.
Во некои случаи лекарот може препорача да направите тест наречен “modified barium swallow”. Пиете специјална течност која ги прекрива устата, грлото и хранопроводот, и потоа се прави рендгенска снимка. Течноста ги прави прекриените делови видливи на снимката. Овој тест му овозможува на вашиот лекар точно да открие каде и зошто имате проблеми со голтањето.
Лекарот дополнително може да предложи и посета на логопед или патолог во областа на говорот. Овие специјалисти можат да откријат кој дел од вашиот говор е засегнат и да ја проучат контролата на дишењето и начинот на кој ги движите усните, јазикот и другите делови од устата.
Третман за тешкотии во говорот
Ако причина за тешкотиите во говорот е мускулната вкочанетост тогаш одредени лекарства може да помогнат. Логопедот исто така може да предложи։
- Вежби за зајакнување или опуштање на гласните жици или подобрување на начинот на движење на вилицата, јазикот и усните.
- Стратегии кои може да ви ја олеснат комуникацијата. Може да се фокусирате на користење пократки зборови и фрази или да користите начини за поедноставување на зборовите, речениците или звуците.
- Вежбајте да го контролирате здивот. Може да ви помогне да изговарате подолги реченици во еден здив или да нагласите специфични зборови.
Постојат и други начини за справување со тешкотиите со говорот։
- Избегнете го притисокот и не брзајте кога се обидувате да разговарате. Може да помогне и ако му кажете на соговорникот дека имате тешкотии со говорот.
- Обидете се да разговарате со некого лице в лице секогаш кога е можно. Изразот на лицето и гестовите можат да ви помогнат да ја пренесете вашата поента.
- Ако разговорот трае премногу долго прашајте дали можете да се одморите.
- Обидете се да се опуштите. Ако можете да зачувате позитивен став тоа би можело да ве опушти и вас и соговорникот. На тој начин ќе се ослободите од грижата дали ќе се разберете.
Третман за тешкотии со голтањето
Логопедот исто така може да помогне при тешкотии со голтањето. Тој може да сугерира промени во исхраната, позиционирање на главата или вежби кои можат да помогнат. Во многу тешки случаи со помош на интубирана цевка хранилка може да ги донесете хранливите материи и течности директно во стомакот.
Покрај терапијата постојат и работи кои можете да ги практикувате како би си го олесниле голтањето։
- Седнете исправено под агол од 90 степени, навалете ја главата малку напред или останете да седите или стоите исправено 45 до 60 минути после оброкот
- Останете фокусирани на јадењето и пиењето. Не дозволувајте ништо да ви го одвлече вниманието од задачата. Не зборувајте со полна уста.
- Не брзајте. Целта е да изедете околу половина лажичка од храната на еден залак.
- Можеби еден залак или една голтка ќе треба да ги проголтате на неколку пати. Ако во грлото остане храна или течност кашлајте нежно или исчистете го грлото и проголтајте повторно пред да земете здив.
- Фокусирајте се на почесто голтање. Обидете се наизменично да каснете храна со голтка течност.
- Пробајте различни температури и текстура на течности. На пример, можете да се обидете да ги пиете пијалоците постудени или да пробате газирани пијалоци.
- Пијте многу течности. Шмукајте лижалчиња, парчиња мраз или вода со вкус на лимон. На овој начин ќе предизвикате создавање на повеќе плунка што ќе ви помогне да голтате почесто.
- Ако ви е отежнато џвакањето конзумирајте помека храна.
- Ако ретките течности ви предизвикуваат кашлање обидете се да ги згуснете. Исто така можете и да ги замените со погусти, како што се кашести сокови или крем супи.
- Кога земате лекарства издробете ги таблетите и помешајте ги на пример со каша од јаболка или пудинг. Замолете го вашиот фармацевт да ви посочи кои апчиња не треба да ги дробите и кои лекови можете да ги купите во течна форма.
Извор: https://www.webmd.com/multiple-sclerosis/speech-swallowing
Забелешка: Рубриката „Најнови информации“ е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.