Дневник на симптоми

Водењето дневник, конкретно за следење на состојбата со МС, може да биде корисно за вас и вашиот лекарски тим. Може да запишувате како МС се менува како резултат на различни фактори – како што се нивоата на активност, стрес или исхрана – или каква била состојбата во различни периоди.
Оваа информација ќе ви овозможи да разберете што влијае на вашата МС и може да помогне да ги идентификувате предизвикувачките фактори и модели. На пример, може да откриете дека заморот е поголем на топол ден или после одредена активност. Свесноста за ова ви овозможува ефективно да ги планирате вашите работни или било кои активности, или да го промените начинот на кој работите за да можете подобро да управувате со МС.
Дневникот за симптоми може, исто така, да ви помогне да запомните што се случило од вашиот последен преглед и да водите евиденција која можете да ја покажете на вашиот невролог или медицински тим на следната средба. Може да водите тетратка или дневник за следење на симптомите на МС, можеби формат „од недела до недела“ за да имате доволно простор за белешки. Чувајте го дневникот заедно со целокупната документација од вашиот лекарски тим, или испечатете готов формулар и пополнувајте го секоја недела. Некои бесплатни примероци за печатење може да се најдат на интернет. Иако можеби не се специфични за МС, тие нудат корисна почетна точка.
Постојат неколку различни мобилни апликации кои се дизајнирани за лица со МС. Многу од нив вклучуваат дневник за симптоми, а може да вклучуваат и потсетници за земање лекови, потсетник за примање инјекција и евидентирање на деталите за контакт од вашиот лекарски тим. Некои од нив може да се синхронизираат со „Fitbit“ или со „Weather“ за да ви помогнат при исцртување на трендовите кај вашата специфична состојба со МС.
Примери на апликации за МС дневник вклучуваат:
- SymTrac – платформи за iPhone (iOS) и Android
- MS Management – достапна единствено за Android платформа
- MS Notes Journal – достапна единствено за Android платформа
- MSAA – My MS Manager – достапна за iPhone (iOS) и за Android платформа
Корисни информации кои треба да ги внесете во дневникот за симптоми
- Информации за релапси што сте ги доживеале; на пример датумот кога започнал релапсот; како сте се чувствувале непосредно пред релапсот; кога симптомите почнале да се подобруваат; симптомите кои сте ги доживеале; што помогнало; дали ви биле препишани стероиди (орално или преку инфузија) и какви било несакани ефекти од овој третман; дали сте биле хоспитализирани; колку долго траел релапсот; дали целосно сте се опоравиле или некои од симптомите останале.
- Кога се појавил нов симптом.
- Промени на симптомите и сите поврзани фактори, на пример, дали бил топол ден.
- Прашања кои би сакале да ги поставите на вашиот лекар, било телефонски или на следната средба.
- Препишани лекови кои ги примате и кој било лек кој претходно сте го примале. Исто така, корисно е да се забележи какви ефекти имал лекот и дали се појавиле било какви несакани ефекти.
- Копии од снимки од МР. Можете да го прашате вашиот лекар, или медицинската сестра дали може да ви ги обезбеди овие копии.
- Резултатите од сите други преземени испитувања, како што се лумбална пункција или анализи на крвта.
- Копија од писма помеѓу вашиот општ лекар и други здравствени работници, вклучително и болнички консултанти. Ова ве одржува информирани, ви помага да запомните што е кажано, и е потсетник за тоа кога треба повторно да се јавите на преглед.
Како да направите дневник за симптоми
Дневникот за симптоми може да биде многу разговорлив и неформален, ако тоа вам ви одговара։
Петок 7 мај
Вчера бев толку уморен и болен што не знаев што да правам со себе. Вечерата беше лесна, оброк готов во рерната за 20 минути. Толку бев уморен што ми се чинеше дека сум залепен за софата. Кога ќе се изморам вака, имам огромни тешкотии со концентрацијата и проблеми со наоѓање зборови – Дали и некој друг се соочува со ова? Постави прашање во групите за поддршка на лица со МС.
Сабота 5 јуни
Оваа недела треморот од мојата нога се прошири нагоре до раката. Имав мали болки во раката еден ден, но главно сѐ беше во ред. Најчесто чувствувам како раката и ногата да се малку „послаби“ и чувствувам пецкање, во споредба со левата страна. Мора да запомнам да и спомнам на Сали (медицинска сестра) во вторник.
Сабота 4 септември
Веќе неколку недели немирно спијам, и станува се полошо. Моментално очите ме болат како да сум ги намачкал со сапун, а очните капаци ми се тешки како од олово. Претпоставувам дека дел од овој недостаток на сон доаѓа од грижата за купувањето на новата кујна, но тоа го прави заморот уште полош!
Или може да биде поструктуриран, се состои од листа на датуми и третмани кои сте ги завршиле, симптоми кои сте ги доживеале и нивното влијание, преземени активности кои се поврзани со вашите симптоми, датуми на закажување на прегледи и прашања кои треба да ги поставите на следната средба.
Извор: https://mstrust.org.uk/a-z/diary-symptoms
Забелешка: Овој текст има информативен карактер и не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.