Како акупунктурата може да ги ублажи симптомите на МС

Акупунктурата, форма на традиционалната кинеска медицина (TКM), може да биде корисна за ублажување на некои симптоми на мултипла склероза (МС).
МС, хронична состојба која влијае на мозокот и ‘рбетниот мозок, предизвикува различни симптоми, вклучувајќи проблеми со рамнотежа, дисфункција на мочниот меур, болка и спастичност (вкочанетост).
Иако далеку од убедливи, некои студии покажуваат дека акупунктурата може да биде корисна за ублажување на одредени симптоми на МС.
Во оваа статија, ќе ги разгледаме потенцијалните придобивки од акупунктурата за МС и ќе објасниме како функционира процедурата.
Како акупунктурата може да ги третира симптомите на МС?
TКM и западната медицина се засноваат на различни теории за благосостојба и болест.
Во западната медицинска логика предизвик е да се опише и разбере точно како функционира акупунктурата. Сепак, многу лица со МС сметаат дека акупунктурата е корисна и ефикасна за ублажување на симптомите.
Акупунктурата е вековна практика која користи тенки игли или други инструменти за да стимулира специфични акупунктурни точки на кожата.
Акупунктурните точки се простираат по 14 меридијани, или патеки, во телото. Се вели дека акупунктурата ја враќа рамнотежата, ги елиминира блокадите и го поддржува протокот на енергија (qi) низ меридијаните.
Ова се постигнува преку ослободување на хемикалии, како што се ендорфините, кои го намалуваат чувството на болка во телото.
Скоро незабележлива повреда се јавува кога иглата за акупунктура се вметнува во кожата. Иако е безболна, оваа повреда предизвикува одговор на имунолошкиот систем.
Ова може да ја намали болката и да ја зголеми циркулацијата на крвта во областа каде што е боцната игла и низ третираниот меридијан.
Каква е процедурата за акупунктура кај МС?
Постојат околу 400 акупунктурни точки кои можат да се стимулираат долж меридијаните на телото. За време на типична акупунктурна сесија, се боцкаат од 4 до 12 локации.
Понекогаш се користи акупунктура на скалпот, релативно нова форма на оваа практика. Според „the National Multiple Sclerosis Society“, потребни се 6 до 10 сесии за да се утврди дали третманот е ефикасен.
Сесиите обично се планира да се одржуваат еднаш или двапати неделно. Возраста, целокупната здравствена состојба и симптомите делумно ќе одредат колку долго би траеле ефектите од акупунктурата.
Пред да започне сесијата, акупунктуристот ќе ве праша за вашата медицинска историја и симптоми. Тој исто така може да го погледне вашиот јазик за да идентификува нерамнотежа во телото.
Овој преглед одредува каде ќе се вметнат иглите. Откако ќе се вметнат, иглите остануваат на местото од 20 до 40 минути.
По сесијата може да се чувствувате опуштено или полни со енергија. Разговарајте со акупунктуристот за активностите кои е препорачливо или не е препорачливо да ги практикувате по третманот. По сесијата препорачливо е да се практикуваат опуштени активности. Мирната прошетка или долгата дремка може да бидат најсоодветната активност за вас.
Работи кои треба да се избегнуваат։
- енергична активност
- ставање облоги со мраз на местата со убод од игла
- стимуланси, вклучувајќи алкохол и кофеин
Колку е ефикасна акупунктурата за МС?
До денес нема голема, сеопфатна студија за придобивките од акупунктурата за МС. Но, истражувачките студии кои се во тек покажуваат придобивки за олеснување на симптомите.
Прегледот на 31 студија од 2022 година покажа дека акупунктурата и акупунктурата на скалпот се корисни за зголемување на квалитетот на животот кај лицата со МС. Резултатите од студијата покажаа:
- подобрена функција на мочниот меур
- намалување на спазмите
- подобрена подвижност
- намалување на болката во екстремитетите
- намалување на заморот
Овој преглед, исто така, забележа дека некои студии покажаа:
- подобрена регулација на невроимуниот систем
- намалување на релапсите
- забавена прогресија на болеста
Студијата од 2017 година,спроведена врз 20 лица со релапсно – ремитeнтна МС покажа дека акупунктурата е корисна за:
- намалување на спастичноста
- подобрување на рамнотежата
- намалување на заморот
- подобрување во подвижноста
Резултатите од студијата во врска со придобивките од акупунктурата поврзани со депресија се нецелосни. Не постојат опширни студии специфични за МС, депресија и акупунктура.
Дали постојат несакани ефекти од акупунктурата за кои треба да се знае?
Акупунктурата генерално се смета за безбедна, под услов да ја спроведува лиценциран акупунктурист кој користи стерилни игли за еднократна употреба. Неискусен лекар може да направи сериозна штета.
Акупунктурата не треба да предизвикува болка. За време на третманот може да почувствувате пецкање или мала болка. Ако нешто ве боли, веднаш известете го вашиот лекар.
Несаканите ефекти може да вклучуваат:
- крварење или модринки на местата на убодите
- вртоглавица
- чувство на зашеметеност
Ако покрај МС имате нарушување на крварењето, разговарајте за употребата на акупунктура со вашиот лекар пред да продолжите.
Колку чинат акупунктурните сесии и дали осигурувањето ги покрива трошоците?
Некои планови за здравствено осигурување покриваат акупунктура, но во повеќето случаи не.
Ако имате покриеност за акупунктура, можеби ќе имате ограничување на бројот на сесии за кои вашиот план обезбедува средства годишно. Проверете кај вашиот осигурител за да видите дали акупунктурата е покриена придобивка и, ако е така, колкава може да очекувате да биде вашата партиципација по сесија.
Ако немате осигурување може да платите околу 100 долари по сесија. Географската област може да влијае на цената.
Како можете да најдете квалификуван акупунктурист?
Ако вашиот план за осигурување покрива акупунктура, побарајте листа на практичари во вашата област.
Можете исто така да контактирате со луѓе кои ги познавате кои посетиле акупунктуристи за препораки.
Исто така, можете да најдете лиценцирани акупунктуристи преку „American Academy of Medical Acupuncture“ или „the National Council and Commission for Acupuncture and Oriental Medicine“. Двете организации ви дозволуваат да барате акупунктурист посебно за секоја држава.
Заклучок։
Некои студии покажаа дека акупунктурата е корисна за намалување на симптомите на МС. Симптомите на МС кои може да се подобрат со акупунктура вклучуваат:
- функцијата на мочниот меур
- замор
- болка
- мускулни грчеви
Акупунктурата генерално се смета за безбедна. Но, разговарајте со лекар за да видите дали тоа може да ја подобри вашата состојба.
Исто така, внимавајте секогаш да работите со лиценциран, искусен акупунктурист.
Извор: https://www.healthline.com/health/managing-ms/acupuncture-for-ms#procedure
Забелешка: Овој текст има информативен карактер и не оезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.