Светски ден на мултипла склероза 2020 г.

Скопје, 30. мај 2020 година
Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза се вклучи и оваа година во одбележување на Светскиот ден на МС (World MS Day) на 30. мај 2020 година. Националното здружение се обединува заедно со глобалната заедница за мултипла склероза (МС) ширум светот со единствена цел за подигнување на јавната свест за мултиплата склероза и водење организирана кампања во која се вклучени сите погодени од оваа болест.
Мотото на годинешното одбележување на Светскиот ден е „I connect, we connect“, односно „Заедно поврзани“, додека темата e „MS Connections“ (поврзаноста), односно градење врски во заедницата, самоповрзување, заемно поврзување со цел добивање на квалитетна нега.
Со оваа организирана кампања ние ги предизвикуваме социјалните бариери што резултираат луѓето со МС да се чувствуваат осамени и социјално изолирани. Заедно, се залагаме за подобри услуги, остварување мрежи за поддршка и самогрижа.
„Националното здружение за МС, како и останатите здруженија ширум светот, поради пандемијата на COVID-19 ќе го одбележи овој Светски ден преку социјалните мрежи со низа активности со кои ќе испратиме пораки за поддршка на пациентите. Во кампањата за Светскиот ден на МС ќе бидат вклучени пациентите, нивните негуватели, докторите, медицинските сестри од Универзитетската клиника за неврологија и останатите здравствени работници, како и сите други лица кои ни ја даваат нивната поддршка на најразлични начини“, изјави Ана Карајанова Димитрушева, Претседателка на Националното здружение за МС.
Активностите за Светскиот ден на MС се одвиваат во тек на мај и јуни. По тој повод ширум светот се спроведуваат голем број на активности за да се покрене јавната свест за ова заболување за да се обезбеди подобра терапија, навремена и точна дијагноза, а со цел пациентите со МС да имаат подобар квалитет на живот.
За Светскиот ден на мултипла склероза
Светскиот ден на МС беше воспоставен од страна на MS International Federation (MSIF) и нејзините членки во 2009 година со цел да се здружи глобалната МС заедница заедно за подигнување на свеста и кампања за подобрување на квалитетот на живот на лицата со МС. Светскиот ден на МС се одбележува секоја година на 30-ти мај. Настаните и кампањите се одржуваат во текот на мај во скоро 100-тина земји ширум светот.
За повеќеи нформации, посетете ја веб-страницата на Светскиот ден на МС: https://worldmsday.org/.
Што е мултипла склероза?
Мултипла склероза (МС) е една од најчестите невролошки нарушувања и причини за инвалидитет кај младите возрасни лица. Тоа е хронична, прогресивна, имунолошки посредувана, воспалителна и дегенеративна болест на централниот нервен систем. Настанува кога имуниот систем ја напаѓа обвивката на нервните клетки (миелин) во мозокот, ’рбетниот мозок и оптичките нерви, предизвикувајќи воспаление и последователна дегенерација, што води до прекин на невротрансмисијата на сигналот од една нервна клетка до друга.
Во Македонија од МС боледуваат околу 1.500 лица додека во светот има повеќе од 2,3 милиони лица. Многу е веројатно дека стотици илјади лица остануваат недијагностицирани и многу животи се индиректно зафатени. Повеќето лица со МС се дијагностицираат на возраст од 25 до 31 година, и околу два-три пати почесто се дијагностицираат жени наспроти мажи.
Причината за МС сè уште не е позната и досега не постои лек, но постојат лекови кои можат да им помогнат на лицата со МС да ја стават болеста под контрола и постојат многу опции за подобрување и управување со симптомите.
МС го прави животот непредвидлив засекого. За да дознаете повеќе за МС посетете ја веб страницата http://msmakedonija.eu.org/multipla-skleroza.
За Националното здружение за МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Од 7. мај 2020 година, Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platfrom, EMSP).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.
За да дознаете повеќе за здружението посетете ја веб страницата http://msmakedonija.eu.org/za-nas.