Националното здружение за МС со остра реакција поради доцнењето на социјалните надоместоци

Национално здружение за МС упати официјална реакција до Министерството за социјална политика, демографија и млади поради доцнењето и неисплатата на законски утврдените надоместоци од сферата на социјална заштита.
Во изминатиот период до Здружението се обратија повеќе лица со МС корисници на надоместокот за помош и нега од друго лице и надоместокот за попреченост, кои информираа дека не им е исплатен еден или двата надоместоци во законски предвидените рокови.
Како организација која ги застапува интересите и правата на лицата со мултипла склероза, укажавме дека овие надоместоци не претставуваат привилегија, туку законски загарантирано право и основен предуслов за достоинствен живот на лицата со попреченост. Нивната ненавремена исплата директно влијае врз можноста на корисниците да обезбедат лекови, медицински помагала, лична асистенција и други неопходни услуги и потреби.
Во реакцијата посочивме дека особено загрижува фактот што доцнењето на исплатите станува практика која се повторува, при што последиците најмногу ги чувствуваат лицата со попреченост и другите ранливи категории граѓани.
Од Министерството побаравме итно преземање на сите неопходни мерки за исплата на заостанатите средства и обезбедување редовна, навремена и непречена исплата на сите права од социјална заштита во законски утврдените рокови.
Истовремено, побаравме Министерството јавно да ги информира граѓаните за причините за доцнењето, како и за мерките што ќе бидат преземени за да се спречат вакви ситуации во иднина.
Националното здружение за МС останува посветено на заштитата и унапредувањето на правата на лицата со мултипла склероза и на сите лица со попреченост, инсистирајќи на доследно почитување на законските обврски и навремено остварување на правата од социјална заштита.