Витамин Ц и мултипла склероза: што треба да знаете!

Многу луѓе се заинтересирани за користење витамини и додатоци во исхраната со цел да помогнат во справувањето со автоимуни заболувања како што е мултипла склероза (МС). Кај автоимуните заболувања, имунолошкиот систем по грешка ги напаѓа здравите клетки на телото, предизвикувајќи воспаление и други симптоми. Витаминот Ц има многу важни улоги во организмот и кај некои луѓе, неговото дополнително внесување може да придонесе за подобро општо здравје.
Иако другите животни произведуваат витамин Ц во своето тело, луѓето не можат. Тоа значи дека мора да го внесуваме преку други извори, најчесто преку исхраната. Познато е дека витаминот Ц е неопходен за создавање на одредени невротрансмитери (хемикалии кои нервите ги користат за комуникација), што значи дека витаминот Ц е активен во нервниот систем. Но, дали тоа значи дека дополнителниот внес на витамин Ц може да биде корисен за МС? И дали постојат потенцијални ризици од земање додатоци на витамин Ц?
Во овој текст ќе разгледаме што покажуваат истражувањата за поврзаноста помеѓу витаминот Ц и мултипла склероза.
Што е витамин Ц?
Витаминот Ц, познат и како L-аскорбинска киселина, е есенцијален дел од исхраната. Тој е витамин растворлив во вода, што значи дека се раствора во вода. Кога се внесува преку храна или додатоци во исхраната, витаминот Ц се пренесува низ ткивата и ги поддржува здравите функции на организмот. Иако е неопходен, потребен е во релативно мали количини.
Витамин Ц и создавање протеини
Витаминот Ц е составен дел од различни протеини во организмот, вклучувајќи го и колагенот. Колагенот може да се смета како градежен елемент на сврзното ткиво. При повреди, витаминот Ц го поддржува процесот на заздравување.
Витамин Ц како антиоксиданс
Антиоксидансите, како витаминот Ц, ги штитат клетките од оштетување и можат да помогнат во забавување на процесот на стареење. Покрај тоа што е антиоксиданс сам по себе, витаминот Ц ја поддржува и функцијата на други антиоксиданси, како витаминот Е. Потребни се дополнителни истражувања за да се утврди дали витаминот Ц како антиоксиданс може да помогне во превенција или одложување на одредени хронични заболувања, како срцеви болести и некои видови рак.
Витамин Ц и имунитетот
Витаминот Ц има значајна улога и во имунолошкиот систем. Често е состојка на додатоци за поддршка на имунитетот, бидејќи им помага на имуните клетки да го заштитат организмот од микроорганизми што предизвикуваат болести.
Извори на витамин Ц
Здравата исхрана е важна за лицата со МС и за правилното функционирање на нервниот систем. Витаминот Ц може да се најде во многу овошја и зеленчуци. Некои од најбогатите извори се:
- Црвени пиперки
- Портокали и други цитрусни плодови
- Киви
- Зелени пиперки
- Јагоди
- Прокељ
- Брокула
- Спанаќ
Готвењето на зеленчук богат со витамин Ц може да го намали неговиот квалитет, па затоа најмногу витамин Ц се внесува кога се консумира свеж. Витаминот Ц може да се внесе и преку додатоци во исхраната или, во одредени медицински ситуации, преку интравенски инфузии.
Недостаток на витамин Ц
Бидејќи витаминот Ц ги поддржува здравите функции на телото, неговиот недостаток може да предизвика сериозни здравствени проблеми. Недоволниот внес може да доведе до скорбут и ослабен имунитет, што го зголемува ризикот од инфекции.
Скорбутот може да предизвика:
- Замор
- Болки во зглобовите
- Раздразливост
- Анемија
- Заболувања на непцата
- Груба кожа
- Лесно појавување модринки
Скорбутот е редок во современите општества бидејќи повеќето луѓе внесуваат доволно витамин Ц. Пушењето е фактор на ризик, бидејќи ја намалува апсорпцијата на витамин Ц. Ризик постои и кај лица со намален внес на храна поради медицински состојби или третмани, како хемотерапија.
Може ли да се внесе премногу витамин Ц?
Ако се внесе повеќе витамин Ц од потребното, вишокот се излачува преку урината. Сепак, премногу витамин Ц може да предизвика несакани ефекти како:
- Мачнина
- Дијареја
- Стомачни грчеви
Кај некои луѓе, високите дози може да доведат до појава на камења во бубрезите или влошување на одредени здравствени состојби.
Витамин Ц и мултипла склероза
Некои лица со МС споделија позитивни искуства со користење витамин Ц. Едно лице со МС напиша: „Витаминот Ц ми помага многу. Не сум одел вака добро со месеци.“ Друг изјави: „Имав успех со земање големи количини витамин Ц за проблеми со мочниот меур.“
Еве што покажуваат научните истражувања.
Потенцијални придобивки од витамин Ц кај МС
Бидејќи витаминот Ц има улога во создавање колаген, тој е вклучен и во формирањето на миелинот – масна обвивка што ги штити нервните влакна и овозможува брз пренос на нервни сигнали. Кај МС, имунолошкиот систем го оштетува миелинот во мозокот и ‘рбетниот мозок.
Истражувањата покажуваат дека витаминот Ц помага во обновување на миелинот кај периферните нерви по повреди. Во студии на животни, витаминот Ц помогнал во обновување на миелинот и во централниот нервен систем. Сепак, потребни се дополнителни истражувања за да се утврди дали ова важи и кај луѓето со МС.
Како антиоксиданс, витаминот Ц може да помогне во заштита на нервниот систем од оксидативен стрес, но доказите се ограничени и се потребни поголеми клинички студии.
Потенцијални ризици од витамин Ц кај МС
Иако постојат можни придобивки, високите дози на витамин Ц носат и ризици. Тие можат да предизвикаат т.н. Фентонова реакција во мозокот и ‘рбетниот мозок, што може да предизвика воспаление и да ги влоши автоимуните заболувања како МС.
Бидејќи МС е автоимуна болест, некои антиоксиданси може да го стимулираат имунолошкиот систем и да ги влошат симптомите.
Користење витамин Ц кај МС
Најчесто, доволен внес на антиоксиданси може да се постигне со балансирана исхрана богата со овошје и зеленчук. Препорачаната дневна доза е 75 mg за жени и 90 mg за мажи. Пушачите треба да внесуваат дополнителни 35 mg дневно.
Нема јасни докази дека лицата со МС треба да земаат дополнителни дози на витамин Ц. Пред земање додатоци или инфузии, задолжително консултирајте се со вашиот невролог или медицински тим за да се избегнат несакани ефекти или интеракции со терапијата.
Извор: https://www.mymsteam.com/resources/vitamin-c-and-ms
Забелешка: Овој текст има информативен карактер и необезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.