РЕФУНДИРАЊЕ НА ДЕЛ ОД СРЕДСТВАТА ПРИ НАБАВКА НА ПАТНИЧКИ АВТОМОБИЛ
Практичната мобилност на лицата со мултипла склероза е клучна за нивната потполна социјална вклученост и унапредување на севкупното функционирање во заедницата. За таа цел Владата како дел од мерките на поттикнување и социјална заштита донесува Годишна програма за рефундирање на средства платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил. Програмата за 2022 година можете да ја најдете на веб страната на Националното здружение за МС во делот на Закони и прописи, или на овој линк.
Ова право може да го користат, односно барање за него може поднесат лица со тешка, потешка и најтешка телесна попреченост, лица со умерена, тешка и длабока интелектуална попреченост, потполно слепи лица со придружник и потполно глуви лица. Според овие критериуми значаен дел лицата со МС (зависно од степенот на попреченоста би можеле да го остварат ова право.
Барање може да се поднесе и доколу со возилото управува брачен другар на барателот, негов родител, дете или друг роднина кој живее со него и ако помеѓу нив постои должност за издржување согласно со Законот за семејството, односно старател, при што потребно е возилото да се користи исклучиво за потребите на лицето за превоз и полесна социјална вклученост.
Барањето може да се поднесе најдоцна до 30 септември во тековната година во надлежниот центар за социјална работа според местото на живеење на барателот. Барањето може да се поднесе еднаш во период од пет години за набавка на патнички автомобил со купопродажна вредност до 10.000 евра во денарска противвредност, (до 20.000 евра во денарска противвредност, доколку во возилото е вградена дополнителна опрема која овозможува лицето самостојно да го управува возилото како што се автоматски или полуавтоматски менувач, рачни команди кои ги заменуваат ножните команди, хидраулична дигалка за инвалидска количка или пристапна рампа за влез во возилото).
Висината на средствата кои се рефундираат на еден барател може да изнесува најмногу до 180.000 денари.
Кон барањето потребно е да се достави:
- Наод, оцена и мислење од надлежна комисија за утврдена попреченост, (или копија од документот заверена на нотар)
- Царинска декларација (примерок од електронска царинска декларација, потврда за регистрација издадена по извршено увозно царинење) не постари од 18 месеци од денот на подмирување на царинските давачки и акцизи при увоз на патнички автомобил, издадени од царински орган (или копија од документот заверена на нотар).
- Доказ за платен данок на додадена вредност при набавка на патничкиот автомобил, или фактура за набавка на возило во државата,
- Доказ од овластена компанија за вградена специјализирана опрема
- Наод и мислење за друг член на семејството со попреченост доколку имате таква ситуација во семејството (или копија од документот заверена на нотар),
- Потврда за остварени приходи од Управата за јавни приходи за претходната година,
- Потврда за редовен студент (доколку лицето е студент),
- Потврда за заснован работен однос (доколку лицето е во работен однос),
- Потврда за регистриран активен барател на работа (доколку лицето е невработено лице).
Комплетираните документи Центарот за социјална работа ги доставува до Комисијата за рефундирање на средствата во министерството за труд и социјална политика. Најдоцна 30 дена откако ќе се поднесе барањето до Центарот за социјална работа, Комисија треба де изврши увид во домот на барателот. Откако ќе помине рокот за поднесување на барања во тековната година, се врши рангирање на сите поднесени барања, по што се донесува Решение за рефундирање на средствата за секој подносител на барање.
Против донесеното Решение може да се поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, во рок од 15 дена по приемот на Решението.
Важна напомена: лицето на кое му се рефундирани средства не смее да го отуѓи возилото во период од пет години по добивање на средствата, (освен ако настанало оштетување на возилото во висина поголема од 80% од вредноста на возилото утврдено од овластен проценител во моментот на настанување на штетата, како и во случај на отуѓување на возилото по смртта на подносителот на барањето) во спротивно должно е истите да ги врати со законска казнена камата.
ЗА НАЦИОНАЛНОТО ЗДРУЖЕНИЕ ЗА МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platform, EMSP), полноправна членка на Светската алијанса на пациенти (анг. World Patient Alliance) и асоцијативна членка на Алијансата на пациентски организации (АПО).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.