Повластени услови за користење на паркинг услугите на ЈП Градски Паркинг – Скопје
Почитувани членови на Националното здружение за МС,
Вe известуваме дека Јавното претпријатие за јавни паркиралишта ГРАДСКИ ПАРКИНГ – Скопје, согласно законските одредби, на лицата со мултипла склероза (жители на Град Скопје) им овозможува повластени услови за користење на паркинг услугите.
Постапката за прибирање на барања за остварување на право на повластено паркирање за календарската 2022 е во тек, така што сите заинтересирани лица (жители на Град Скопје) можат да поднасат документи започнувајќи од 01.10.2021 – 01.12.2021 година.
Со цел да се стекнете со право на користење на паркинг услугите без надомест, освен надоместокот за издавање на електронска чип картичка во износ од 180 денари со вкалкулиран ДДВ од 18% потребно е исполнување одредени услови.
Потребни документи за лица кои прв пат го остваруваат ова право:
- Важечка лична карта на лицето со МС – на увид
- Копија од важечка сообраќајна дозвола со кое се утврдува дека е регистрирано возилото
- ПИОМ Решение за степен на телесно оштетување – на увид
- Лекарски наод од специјалист – на увид
- Потврда од матичен лекар за точно наведената дијагноза – оригинал, не постара од еден месец сметано од 01.09.2021
- Членска легитимација од здружение за телесно инвалидизирани лица / лица со мултипла склероза – на увид
- Пополнет образец Барање – Договор (ЗАДОЛЖИТЕЛНО ДВОСТРАНО ПЕЧАТЕЊЕ!) во 2 примероци. Образецот, односно Барање – Договор можете да го преземете на следниот линк.
Потребни документи за постоечки корисници на оваа услуга кои поседуваат електронска чип картичка издадена од ЈП Градски паркинг – Скопје:
- Потврда од матичен лекар за точно наведената дијагноза – оригинал, не постара од еден месец сметано од 01.09.2021
- Копија од важечка сообраќајна дозвола со кое се утврдува дека е регистрирано возилото
- Важечка лична карта на лицето со МС – на увид
Потребните документи можете да ги доставите:
- ЈП Градски Паркинг – Скопје
- по пошта на адреса: ЈП Градски Паркинг – Скопје, ул Ѓуро Стругар бр.15А, поштенски фах 739 со назнака на пликот „За Комисија за ЛПП – 2021 год.“ или
- да ги прикачите и испратите на е-адресата lpp2021@gradskiparking.com.mk
Дополнителни информации имате на https://gradskiparking.com.mk/ или обратете се на референтите за кориснички услуги на телефонскиот број (02) 3 21 55 66, лок. 203 и 206.
Правото за повластено користење (без надомест) на паркинг услугите се однесува на сите јавни паркиралишта и јавни површини наменети за паркирање – зонско паркирање со кои стопанисува ЈП Градски Паркинг- Скопје.
За Националното здружение за МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Од 7. мај 2020 година, Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platform, EMSP).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.