COVID-19 кај пациент со мултипла склероза на третман со ocrelizumab

Скопје, 18. април 2020 година
Неодамна во медицинскиот часопис Multiple Sclerosis and Related Disorders беше објавена публикација со наслов „COVID-19 in a MS patient treated with ocrelizumab: does immunosuppression have a protective role?“ од страна на Giovanni Novi и соработниците.
- Пациент со мултипла склероза на третман со ocrelizumab оздравел од COVID-19 без последици
- Имуносупресивната терапија може да игра позитивна улога
- Овој извештај ја поддржува употребата на имуносупресивни лекови кај состојба на сериозна COVID-19 болест
Коронавирусот (SARS-CoV-2) е нов тип на вирус кој предизвикува COVID-19. Оваа болест е нов ентитет кој се шири низ целиот свет предизвикувајќи пандемија. Болеста е со поблаги симптоми кај повеќето пациенти, меѓутоа, останатите (околу 15%) од засегнатите лица може да развијат тешка болест со респираторна инсуфициенција, што може да бара неинвазивна или инвазивна вентилација и интензивна нега. Постарите лица и пациентите со коморбидитет (придружна болест/состојба) се изложени на поголем ризик од развој на сериозен или фатален фенотип на болеста. Употребата на имуносупресивни лекови кај заразените лица може да го зголемат ризикот од компликации поради намалениот имунолошки одговор, односно отсуството на брза имунолошка реакција. Како и да е, се сугерира дека имуносупресивната терапија може да игра заштитна улога за време на инфекцијата со коронавирусот преку спречување или намалување на премногу активниот имунолошки одговор, што во некои случаи може да доведе до клиничко влошување. Врз основа на оваа хипотеза, во моментот се тестираат неколку имуносупресивни лекови како потенцијален третман на COVID-19.
Доктор Giovanni Novi и соработниците информираат за пациент со примарно прогресивна мултипла склероза кој бил на третман со ocrelizumab (моноклонално антитело кое врши деплеција на Б лимфоцитите) заразен со COVID-19. Станува збор за 58-годишен маж кој развил прогресивно моторно оштетување на долните екстремитети во 2008 година и му била дијагностицирана примарно прогресивна мултипла склероза (ППМС) во 2009 година. Претходно бил лекуван со interferon betа, glatiramer acetate и fingolimod. Неговата медицинска историја вклучува алергиски ринитис, астма и пептичен улкус. Во јануари 2018 година започнал третман со ocrelizumab. Исто така започнал профилактичен третман со lamivudine поради присуство на хроничен хепатитис Б. Периодични 6-месечни инфузии со ocrelizumab биле примени во август 2019 година (повторна инфузија било планирана во февруари 2020 година). Во времето на последната инфузија, пациентот имал умерена хипогамаглобулинемија со нормално ниво на IgM и IgA, а имунофенопипот на периферни крвни лимфоцити во крвта покажал низок број на Б-клетки (лимфоцити). Пациентот имал EDSS 6.
На 6. март 2020 година пациентот развил треска и кашлица, бил примен во болница на 10-ти март поради постојана висока температура и тешка кашлица. Тестот за SARS-Cоv-2 бил изведен преку земање на брис од нос и во два наврати истиот бил позитивен. Пациентот бил лекуван со симптоматска терапија за висока температура (парацетамол) која довела до намалување и изчезнување на симптомите во рок од два дена. После неколку дневна хоспитализација пациентот е испратен на домашно лекување. Телефонското интервју, извршено на 28. март, потврдило дека пациентот сè уште е дома, без појава на нови симптоми. Читајте повеќе на следниов линк.
Авторите на овој извештај го опишале првиот случај на пациент со ППМС и низок број на Б-клетки кој се излекувал од COVID-19 без сериозни компликации. Тие сметаат дека присуството на Б-клетките во секундарните лимфоидни органи, поврзани со умерено намалениот имунолошки одговор како резултат на недостаток на периферни Б-клетки, можеби имал поволна улога кај овој пациент. Недостаток на значително зголемување на IL-6 (кој може да биде ослободен од периферните Б-клетки) се чини дека ја поддржува нивната хипотеза. Доколку овие податоци се потврдат кај поголеми серии на случаи на пациенти, нивната опсервација може да укаже на тоа дека пациентите кои се подложени на терапија на деплеција на Б-клетките, можат да бидат заштитени од сериозни компликации на COVID-19 и може да ја поддржат употребата на селективен имуносупресив, како што е tocilizumab, кај сериозни случаи на COVID-19.
Забелешка: Рубриката „Најнови информации“ е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.