Мултипла склероза (МС) е една од најчестите невролошки нарушувања и причини за инвалидитет кај младите возрасни лица. Тоа е хронична, прогресивна, имунолошки посредувана, воспалителна и дегенеративна болест на централниот нервен систем. Настанува кога имуниот систем ја напаѓа обвивката на нервните клетки (миелин) во мозокот, ’рбетниот мозок и оптичките нерви, предизвикувајќи воспаление и последователна дегенерација, што води до прекин на невротрансмисијата на сигналот од една нервна клетка до друга.
Во Република Северна Македонија секоја година се дијагностицираат околу 90-120 нови лица со МС, додека вкупно од МС боледуваат повеќе од 1.500 лица. Во светот има повеќе од 2,8 милиони лица кои живеат со МС. Многу е веројатно дека стотици илјади лица остануваат недијагностицирани и многу животи се индиректно зафатени. Повеќето лица со МС се дијагностицираат на возраст од 20 до 40 година, и околу два-три пати почесто се дијагностицираат жени наспроти мажи.
Причината за МС сеуште не е позната и до сега не постои лек, но постојат лекови кои можат да им помогнат на лицата со МС да ја стават болеста под контрола и постојат многу опции за подобрување и управување со симптомите.
Текот на болеста кај секого е различен и тешко може да се предвиди, а бидејќи МС покажува одредени фази кога болеста се следи во подолг временски период, повеќето болни може да се категоризираат во три форми на МС. При одредувањето на формата на МС се користат претходните сознанија за текот на болеста, а целта е да се обидеме да го предвидиме понатамошниот тек на болеста.