Женска трка во поддршка на жените со мултипла склероза

Оваа година Женска трка во соработка со Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза, даде придонес во зголемување на јавната свест за мултипла склероза (МС) преку споделување на едукативни банери на социјалните мрежи, за предизвиците кои го носи МС:
- Мултипла склероза е хронична, прогресивна, воспалителна, дегенеративна болест на централниот нервен систем и една од најчестите причини за инвалидитет кај младата работоспособна популација
- Симптоми на мултипла склероза: заматен вид, двојни слики, слабост и отежнато движење, нарушување на рамнотежата и вртоглавица, проблеми со говор и голтање, когнитивни и емотивни нарушувања и многу други
- Во РСМ живеат повеќе од 1500 лица со мултипла склероза, а секоја година се дијагностицираат околу 90 – 120 нови лица
- Повеќето лица со мултипла склероза се дијагностицираат на возраст од 20 до 40 годишна возраст, односно во најпродуктивните години од животот.
Акцент се стави на поддршка на ЖЕНИТЕ кои се соочуваат со мултипла склероза (МС), бидејќи МС ТРИ ПАТИ почесто се дијагностицира кај ЖЕНИТЕ наспроти мажите!!!
Приближно две илјади учеснички на Женска трка имаа можност да дадат поддршка на жените со мултипла склероза, со поставување на ПОРТОКАЛОВАТА ПАНДЕЛКА која беше содржана во стартниот пакет.
Нашата покана да трчаат за жените со МС и да го носат симболот на МС ја прифатија голем број учеснички на Женска трка, а меѓу нив голем број наши соработници, искусни маратонци, познати и помалку познати лица кои ни дадоа несебична поддршка. Наш знак на препознавање беше портокаловата панделка која ја носеа сите учеснички кои трчаа за жените кои се соочуваат со МС.
Уште еднаш би сакале да им се заблагодариме на сите кои дадоа несебичен придонес во оваа наша приказна чија цел беше подигнување на јавната свест за ова хронично заболување, а посебно за жените со мултипла склероза.
Со заедничка заложба можеме да влијаеме врз оние кои носат одлуки за да направиме позитивни промени кај лицата со мултипла склероза!
Што е мултипла склероза?
Мултипла склероза (МС) е една од најчестите невролошки нарушувања и причини за инвалидитет кај младите возрасни лица. Настанува кога имуниот систем ја напаѓа обвивката на нервните клетки (миелин) во мозокот, ’рбетниот мозок и оптичките нерви, предизвикувајќи воспаление и последователна дегенерација, што води до прекин на невротрансмисијата на сигналот од една нервна клетка до друга.
Во РСМ од МС боледуваат околу 1.500 лица додека во светот има повеќе од 2,8 милиони лица. Многу е веројатно дека стотици илјади лица остануваат недијагностицирани и многу животи се индиректно зафатени. Повеќето лица со МС се дијагностицираат на возраст од 20 до 40 година, и околу три пати почесто се дијагностицираат жени наспроти мажи.
Причината за МС сè уште не е позната и досега не постои лек, но постојат лекови кои можат да им помогнат на лицата со МС да ја стават болеста под контрола и постојат многу опции за подобрување и управување со симптомите.
МС го прави животот непредвидлив засекого. За да дознаете повеќе за МС посетете ја веб страницата http://msmakedonija.eu.org/multipla-skleroza.
За Националното здружение за МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platform, EMSP), полноправна членка на Светската алијанса на пациенти (анг. World Patient Alliance) и асоцијативна членка на Алијансата на пациентски организации (АПО).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по
однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.
За да дознаете повеќе за здружението посетете ја веб страницата http://msmakedonija.eu.org/za-nas.