Проект: „Правна помош и подршка за лицата со МС“
Почитувани членови на Националното здружение за МС, почнувајќи од септември 2021 започнуваме со реализација на нов проект насловен „Правна помош и подршка за лицата со МС“.
Потребата за воспоставување ваква пракса произлезе како резултат на барањата на членовите и големиот број прашања и проблеми од сферата на остварување конкретни права пристигнати на официјалниоит меил на Националното здружение, пораки на фб страната и телефонски поставени прашања.
Од почетокот на Ковид кризата голем дел од лицата со МС наидоа на неможност да ги остварат своите права, изгубија веќе остварени права додека системот се справува со проблем со пандемијата Covid-19, а човечките ресурси ги има алоцирано и ангажирано во согласност со овие потреби.
Ова ни претставуваше доволна причина да ја препознаеме потребата и да се посветиме и испланираме систем кој ќе обезбеди ваков вид услуга за своите членови. Остваривме соработка со високостручни лица кои долги години работат во сферата на остварување на социјални права, права од здравствена заштита, работни односи, проблематика од областа на остварување на пензиско и инвалидско осигурување и заштита, така што, уверени сме ќе бидат од огромна корист на лицата со МС.
Целта на проектот е да обезбеди правна помош и поддршка на лицата со МС кои имаат потреба од консултација, советување и упатување во врска со остварување на определено правно прашање/проблем поврзани со МС или состојби предизвикани од МС.
Поддршката опфаќа правни совети за остварување и заштита на определени права од социјална и здравствена заштита, пензиско и инвалидско осигурување, работни односи или други постапки поврзани со МС, или состојби предизвикани од МС, појаснување на правните механизми и постапките кои стојат на располагање за определено правно прашање и остварување на право.
Тим за правна помош и поддршка
Тимот за правна помош и поддршка ќе биде предводен од страна на адвокат Василчо Илијев.
Василчо е адвокат и магистер по Деловно право со фокус на трудовото и социјално право. Волонтерска и практикантска работа извршувал во повеќе институции меѓу кои и канцеларијата на Народниот правобранител во Штип. Василчо Илијев е повеќегодишен соработник на Коалицијата “Сите за правично судење – Скопје”.
За пoвеќе детали погледнете кратка биографија.
Начин на остварување на услугата
Правната помош и поддршка би се одвивала преку двонасочна комуникација на e-mail пораки меѓу корисниците и стручно лице – адвокат, кој во зависност од комплексноста на прашањето може да побара дополнителни појаснувања за правната и фактичката ситуација по што би дал свое мислење, советување и насоки во врска со остварување на одредено право и можностите за регулирање на конкретниот проблем.
Како да добиете правна помош?
Потребно е да испратите порака на e-mail адресата pravnapomos@msmakedonija.eu.org, каде детално ќе го образложите вашиот правен проблем, ќе ги испратите во прилог сите потребни документи (доколку имате), а стручното лице ќе ви испрати детален одговор за остварување на вашето право во рок од три до пет работни денови.
Напомена
Услугата e бесплатна за членовите на Националното здружение за МС, а Здружението ќе го покрива целокупниот износ на стручното лице – адвокат.
Поддршката не вклучува составување на поднесоци, (тужби, жалби, барања или други правни средства) од страна на лицето кое непосредно ја дава услугата. Ваквите активности се реализираат надвор од проектот, според важечките законски прописи и се целосна одговорност и на товар на барателот на услугата.
За Националното здружение за МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Од 7. мај 2020 година, Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platfrom, EMSP).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.