ПРАВО НА НАДОМЕСТОК ЗА ЗАРАДИ ПОПРЕЧЕНОСТ

Правото на надоместок заради попреченост (според старата законска терминологија- надоместок за мобилност слепило и глувост) е воведено со цел да го поттикне социјалното вклучување и еднакви можности на лицата со попреченост. Ова право можат да го остварат лицата со тешка или длабока интелектуална попреченост, лицата со најтешка телесна попреченост, потполно слепите лица како и потполно глувите лица, со навршени 26 години возраст, а најдоцна до 65 годишна возраст. Доколку правото е стекнато пред 65 годишна возраст, истото продолжува да се остварува без оглед на возраста
Важно:. Правото се одобрува за определен временски период или како трајно право, така што и користењето на надоместокот (вклучително и по навршување на 65 годишна возраст), ќе зависи од периодот за кој е одобрено, односно од постоењето на условите кои ги бара Законот, во континуитет.
Најголем дел од лицата со МС би го оствариле ова право како лица со најтешка телесна попреченост. Тука спаѓа секое лице кај кое што постои локомоторна дисфункција и кое што своите основни биолошки и социјални потреби ги извршува само со помош на инвалидска количка со придружник, освен во случаи кога истото има тешка или длабока интелектуална попреченост, како и лице со тетраплегија и квадриплегија кај кое што постои локомоторна дисфункција и кое што своите основни биолошки и социјални потреби ги извршува само со помош на инвалидска количка со придружник односно лице со: системски атрофии кои што примарно го зафаќаат централниот нервен систем; екстрапирамидални заболувања и заболувања на движењето; други дегенеративни болести на нервниот систем; демиелинизирачки болести на централниот нервен систем; полиневропатии и други заболувања на периферниот нервен систем; болести на мионевралната спојка на мускул; хемиплегија; параплегија; тетраплегија (квадриплегија); секвели од цереброваскуларна болест; секвели од изгореници, корозии и смрзнатини; стекнат недостиг на долни екстремитети; секвели од повреди на долни екстремитети; воспалителни полиартропатии и полиартроза; системски заболувања на сврзното ткиво или секвели од полиомиелит и редуцирани дефекти на долени екстремитети.
Постапката започнува кај матичниот лекар кој барателот го упатува на специјалистички прегледи при што извештаите треба да ја отсликуваат здравствената состојба и потребата од овој надоместок.
Воедно специјалистот (кај лицата со МС тоа е неврологот) кој индицирал потреба од инвалидска количка треба да го упати лицето да го оствари правото на користење на ова помагало пред Фондот за здравствено осигурување (со потврда потпишана од двајца соодветни лекари- специјалисти, а потврдена со Наод и мислење на лекарска комисија од Фондот за здравствено осигурување). Откако ќе се обезбеди помагалото- инвалидска количка, заедно со другата медицинска документација се доставува и потврдата за користење на количката, по што лицето се упатува на преглед тричлена Комисија составена од лекари- специјалисти/субспецијалисти релевантни за областа каде е детектирана попреченоста, за да се утврди потребата од надоместокот заради попреченост.
Пред да се јави на закажаниот термин барателот- лицето со попреченост треба да уплати износ од 1.250,00 денари за издавање на конзилијарно мислење за остварување на правото на надоместок заради попреченост.
Врз основа на непосредниот преглед и медицинската документација Комисијата издава Конзилијарно мислење за утврдување на потребата од остварување на правото на надоместок заради попреченост, кое го доставува до барателот и до матичниот лекар. Во мислењето се утврдува и датумот кога евентуално треба да се направи повторен преглед. Доколку Комисијата оцени дека постојат трајни промени во здравствената состојба, може да издаде и траен наод и мислење без потреба од повторен преглед.
По добиеното позитивно мислење од Комисијата, до надлежниот Центар за социјална работа според живеалиштето, заедно со барањето за остварување на правото на надоместок заради попречеост (достапно во самиот центар за социјална работа) се доставуваат и следните документи:
- важечка лична карта или дозвола за престој на странец или друго лице согласно закон;
- конзилијарно мислење и наод од најмалку тројца лекари специјалисти од соодветните специјалности или траен наод наод, оцена и мислење за видот и степенот на попреченост и
- копија на трансакциска сметка
Цетарот за социјална работа во рок од 60 дена од поднесувањето на барањето со комплетните документи донесува Решение за остварување на правото на бараниот надоместок, го утврдува износот, времетраењето на користењето и потребата од повторен преглед кој треба да се изврши најдоцна до точно утврдениот датум. Во спротивно се губи правото на надоместокот и потребно е целата постапка да се повтори.
Доколку со Решението барањето е одбиено, (по добиено негативно мислење од Комисијата) во тој случај може да се поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка по работен однос во втор степен, каде што документацијата, вклучително и негативното мислење ги разгледува Второстепена комисија која одлучува за потребата од надоместокот заради попреченост
Врз основа на Мислењето на Второстепената комисија, Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка по работен однос во втор степен одлучува по поднесената жалба во рок од 60 дена од добивањето на сите списи од предметот. Доколку е усвоена жалбата Центарот за социјална работа носи ново Решение за признавање на Вашето паво на надоместок на помош и нега од друго лице, а доколку жалбата е одбиена може да потнесете тужба до Управниот суд во рок од 30 дена од приемот на второстепената одлука.