Обраќање од претседателот на Националното здружение за МС

Почитувани,
Сведоци сме дека Националното здружение за МС изминатиот период немаше никаква активност, па како лице кое го претставува и застапува Здружението, чувствувам потреба и должност да се обратам и да ве запознаам со причините на оваа вонредна, невообичаена и несакана состојба.
Имено, дел од членовите на Собранието на Националното здружение за МС извршија упад (насилен прекин на работата), така што со низа противправни активности и дејствија извршија промена на овластено лице – претседател и седиште на Националното здружение за МС, кое послужи да ја присвојат банкарската сметка на Здружението.
Постапувајќи согласно законските одредби и користејќи ги механизмите предвидени во македонскиот законодавноправен систем, беше поднесена Жалба, која Комисијата за жалби при Централен Регистар на РСМ, со Решение бр.2202-34/1 од 06.05.2021 година, ја уважи, и го поништи како незаконито Решението на Централен Регистар на РСМ под деловоден број 30120210005476 од 26.02.2021 година со кое беше извршен уписот на промена на овластено лице и промена на Седиште на Здружението. Како резултат на тоа предметот беше вратен на повторно постапување и одлучување, по што Централниот Регистар на Р.С. Македонија донесе Решение бр.30120210014629 од 19.05.2021 година, со кое Барањето за упис за промена на овластено лице – претседател и седиште на здружението се одбива, односно се воспоставува претходната состојбата.
Ова е доказ дека секое противправното постапување и обид за уривање на угледот и кредибилитетот на Здружението, кое се труди и работи во полза на лица со сериозна хронична болест, не може да даде позитивни резултати. Досегашните активности го афирмираа Националното здружение за МС како репрезентативен партнер за афирмација на еден поинаков концепт на зајакнување на положбата на лицата со МС. Препознавајќи ја автентичноста во пристапот, членовите континуирано ја потврдуваат довербата и преку ова здружение ги остваруваат правата и ги задоволуваат своите потреби со цел постигнување на подобар квалитет на својот живот со МС, а соработниците во нас препознаа кредибилен партнер.
За жал, повеќето од лицата кои го направија овој неодговорен, неетички и крајно срамен чин се лица со МС, членови на Собранието кои имаат привилегија и одговорност со својот ангажман да придонесат за подобро секојдневие и полесно справување со предизвиците на лицата со МС, но наместо да ја оправдаат својата функција тие посегнаа кон нечесно дело кое резултираше со нанесување штета на самото Здружение и на сите членови на Националното здружение за МС.
Верувам дека во иднина нема да бидеме сведоци на вакви немили настани, бидејќи здружението постои и работи заради обезбедување и постигнување на помош и поддршка, а со тоа и подобар квалитет на живот во полза на лицата со МС.
Mало потсетување, членството во Националното здружение за МС е доброволно, членувањето бесплатно, така што доколку сметате дека тука не се исполнети вашите очекувања имате и друг избор, но не уривајте сѐ позитивно што досега е постигнато. Не губете ја енергијата само за да ја критикувате макотрпната работа на ентузијастите кои посветено се ангажираат за сечие добро и без никаков надомест за својот труд. Доколку знаете подобро и умеете повеќе повелете, направете. Во спротивно вклучете се во активностите на Здружението или само дадете ни ја вашата поддршка.
И за крај на моето обраќање, ЗАЕДНО СМЕ ПОСИЛНИ што значи дека доколку сложно работиме за постигнување на заедничка цел и корист, и доколку секогаш ги имаме првенствено заедничките цели наспроти индивидуалниот интерес, секој поединечно ќе има корист и ќе ги ужива придобивките.
Со почит,
Ана Карајанова – Димитрушева
Претседател на Националното здружение за МС