НАЦИОНАЛНОТО ЗДРУЖЕНИЕ ЗА МС СО СВОЈА ПРЕДЛОГ – ИНИЦИЈАТИВА КАКО ДЕЛ ОД ПОЛИТИКИТЕ ВО ГОДИШНАТА ПРОГРАМА ЗА РАБОТА НА ВЛАДАТА

Следењето на состојбата со унапредување на здравствениот систем и достапност до здравствената заштита е основниот приоритет во делувањето на Националното здружение за МС. Водени од таа идеја, одговоривме на повикот на Владата на Република С. Македонија и по детална анализа, доставивме Предлог иницијатива која се фокусира на подобрување на достапноста на терапијата за мултипла склероза, а би била дел од програмата за работа на Владата за 2023 година.
Неодамна, Националното здружение за МС, до Владата поднесе иницијатива „Континуирано ревидирање на позитивната листа на лекови и ефикасен систем за набавка на терапија за МС” која има за цел воспоставување на одржлив начин на дистрибуција на терапијата за МС до сите пациенти, а со тоа и заштита на сите субјекти вклучени во системот на дистрибуцијата и соодветно намалување на непотребните трошоци за пациентите. Истата, од Владата, преку Министерството за здравство беше доставена до ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија – Скопје и оценета како основана, односно предложеното решение од Националното здружение е прифатливо. Во таа насока, дадена е согласност постапката да биде продолжена пред надлежните институции за соодветна измена на подзаконските акти кои го уредуваат ова прашање.
Националното здружение за МС ја поддржува транспарентноста на институциите во креирањето на оптимални решенија за прашања кои се од суштинско значење за пациентите со МС и ќе продолжи да дава активен придонес и поддршка во процесот на спроведување на политики од релевантните чинители, што ќе значи долгорочно подобрување на положбата на пациентите со мултипла склероза.