НАЦИОНАЛНИ ДЕНОВИ НА МС 2022

Традиционално, во октомври, Националното здружение за помош и поддршка на мултипла склероза со најразлични настани и активности ги одбележува Националните денови на МС.
Истражување „МS MindSet”
Почнувајќи од 1 октомври на фб страницата на Националното здружение за МС, низ креативи, беа постирани резултати од меѓународното МS MindSet истражување, со цел да дознае повеќе за искуствата на лицата со МС како и секојдневните соочувања на нивните партнери кои ги подржуваат, меѓународни истражувања од ваков вид. Истражувањето „МS MindSet” собра податоци од 3.478 учесници со цел да ги идентификува најчестите бариери кои ги спречуваат лицата со МС да имаат чувство за контрола на сопствениот живот и влијанието на непредвидливоста на болеста врз секојдневниот живот.
Повеќе за истражувањето и резултатите тука.
Постојаното следење и унапредување на емотивното здравје на лицата со МС е една од клучните задачи на холистичкиот пристап при оформувањето на животниот стил на овие лица. Тоа беше идејата кога Националното здружение за помош и поддршка на лицата со МС почна да го реализира проектот „Психолошка помош и поддршка за лицата со МС.” Советите и поддршката од стручни лица особено дојдоа до израз во време на COVID 19 пандемијата, кога беа реализирани неколку стотици сеанси со наши членови.
Проширена листа на услуги за психолошка помош и поддршка
Поради големиот интерес Националното здружение за МС успеа да обезбеди и дополнителна услуга која дава можност членовите на кои тоа им е неопходно, да остварат директни непосредни сесии со психолог, кои ќе се реализираат со физичко присуство.
Оваа услуга која за членовите на Националното здружение за МС е бесплатна односно трошоците за истата во целост ги покрива Здружението, за нашите членови е достапна од месец октомври, а воедно продолжуваме со вообичаените on line сесии со психолог кои и досега беа достапни за сите членови кои имаат потреба од ваква услуга. Повеќе тука.
Промовирање на краткометражен анимиран филм „Мојата мајка има МС“
Благодарност до Андријана Николиќ – автор, која ни ја отстапи можноста да го преведеме (на македонски и албански јазик) и адаптираме ова едукативно емотивно видео, во кое преку зборовите на десетгодишниот Марко, ни ги доловува предизвиците и справувањето со нив кога во домот еден од семејството е дијагностициран со хронична болест.
Благодарност до Михаил Стојкоски и Армир Мустафа за гласовно оживување на ликот на малиот Марко (херојот во приказната), огромна благодарност до Super radio Ohrid и Be1 Digital Marketing .
Видеата се достапни на следните линкови – на македонски и албански.
Едукативен интерактивен настан за идните доктори
20 oктомври 2022 година, Националното здружение за МС и Македонската Медицинска Студентска Асоцијација (ММСА), како рамноправни партнери/соработници, во Деканатот на медицинскиот факултет организираа „Едукативен интерактивен настан за идните доктори“, на тема „Мултипла склероза, патофизиологија, симптоми, дијагноза, приказ на случај“, со цел подигнување на свеста и интересот на идните доктори и специјализанти за оваа болест и приближување до искуствата што ги преживуваат пациентите со МС од друг агол.
На овој настан учество зедоа:
- Доц. д-р Игор Кузмановски од ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија – Скопје;
- студент на Медицинскиот факултет со приказ на случај и
- присутен пациент со мултипла склероза, кое му даде сосема нова димензија на самиот настан.
Студентите имаа можност теоретски да се запознаат со симптомите, процесот на дијагноза, изборот на третман и практично да го видат и да го осознаат презентираниот пациент.
Настанот, како една од активностите во рамки на Националните денови на мултипла склероза, беше организиран за студентите по медицина, специјализанти, доктори заради подетално запознавање со оваа хронична болест или кои имаат интерес за едукација во ова поле, со цел поголема едукација која ќе овозможи квалитетен стручен тим на доктори кои би обезбедиле полесно утре за пациентите со мултипла склероза, бидејќи сегашниот стручен кадар со тек на време ќе го оствари правото на пензија, а на пациентите секогаш ќе им бидат потребни доктори – врвни во својата област, затоа што мултиплата склерозата е макотрпно секојдневие на пациентите, како и предизвик за членовите на нивните семејства, која за жал НИКОГАШ НЕМА ДА СЕ ПЕНЗИОНИРА.
Права и поволности за лицата со мултипла склероза кои се членови на Националното здружение за МС
- Права кои се обезбедуваат согласно позитивните законски акти, а за чие остварување Националното здружение за МС обезбедува поддршка при остварувањето и
- Поволности кои се обезбедени од Националното здружение за МС.
Бидете информирани и во тек со сите актуелности и новости, а Националното здружение за МС секогаш ќе се труди да ја ажурира и проширува листата на достапни права и поволности.
Правата и поволностите ги имате на официјалната Веб страница на здружението, во делот За нас, Поволности за членовите на НЗМС, односно на овој линк
Вебинар „Квалитет на живот и МС“
Националното здружение за МС во соработка со ММСА организираше Вебинар со наслов „Квалитет на живот и МС“ на кој презентираше Науч. сор. д-р Бојан Бошковски од ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија – Скопје. Предавањето е поставени на YouTube каналот на Националното здружение, а е достапно на следниот линк.
Националното здружение за МС останува посветено на реализирање на својата мисија и визија каде во фокусот секогаш се грижата за пациентите со МС, остварување на нивните потреби и надминување на проблемите и предизвиците кои се секојдневие за овие лица.
Секако, не застануваме тука и грижливо ќе продолжиме со својата хумана работа и ќе се трудиме да прераснеме во одговорен сервис кој би понудил на лицата со МС конструктивни содржини и алатки кои би го олесниле нивниот живот.