Јога за оптимално здравје на лицата со МС – нова воспоставена соработка
„Редовната јога практика му помага на човекот да постигне оптимално телесно здравје и сила, да стекне контрола врз сетилата, да развие дисциплиниран, чист, јасен и смирен ум, интелект остар како сечиво, силна волја, срце полно со безусловна љубов и сочувство, кристално чисто его и живот исполнет со врвен, ненадминлив мир и радост“. – Свами Сатчидананда
Наше посебно задоволство е да ви ја најавиме новата соработка со прекрасната Ана Симоновска – повеќегодишен јога практикант и сертифициран јога учител. Нејзините совети и видеа во рамки проектот „Јога за оптимално здравје на лицата со мултипла склероза“ ќе ви помогнат да креирате здрави животни навики, да ја подобрите вашата психофизичка способност и да го подобрите квалитетот на вашиот живот.
Видеа кои наскоро ќе ви бидат достапни се создадени со цел да ги олеснат основните симптоми на МС. Во нив се демонстрирани вежби кои овозможуваат нежна стимулација, растегнување и зајакнување на мускулите, постигнување на оптимален опсег на движењата на екстремитетите и ‘рбетот, како и подобрување на координацијата и рамнотежата.
ПОВЕЌЕ ЗА АНА СИМОНОВСКА – АНА ХАТА ЈОГА
Ана Симоновска е повеќегодишен јога практикант и сертифициран јога учител. Своето знаење го стекна во рамките на три обуки за јога учители во Индија, илјадници часови лична практика и самостојно обучување, како и преку учество во бројни работилници и семинари. Првата обука од 200 часови ја мина во 2018 година во престолнината на јогата, малото гратче во падините на Хималаите – Ришикеш. Тука систематски стекна вештини од областа на хата јогата, правилното структурирање и водење на часовите, изучуваше аштанга винјаса, пранајама, медитација, философија, анатомија, пеење мантри…
Една година подоцна, повторно во Ришикеш, Ана мина обука од 300 часови со фокус на јога терапија. Притоа се запозна со техниките кои ги нуди јога системот за одржување на оптимално здравје и справување со разни здравствени проблеми. Во почетокот на 2020 година, таа ја мина и третата обука од 300 часови во прекрасната Варкала, јужна Индија, лулката на ајурведата.
Освен што ги продлабочи и прошири постоечките знаења, Ана во рамките на оваа обука стекна низа нови вештини како јога на столче, основи ајурведа, масажа, основи на индиската боречката уметност – калари… Зеде учество во работилницата по јога анатомија во Амстердам, водена од Џени Ли Тонер, искусен учител од Америка, потоа во Москва во работилницата по Аштанга Винјаса со Сузана Финочи од Италија, ученичка на Патаби Џоис, основоположникот на овој стил на јога, а зеде учество и на семинарот по хата јога и прочистувачки техники со Алексеј Кравец на Бајкалското езеро. Ана длабоко верува во трансформативната и исцелителна моќ на јогата.
Овој богат систем нуди за секого по нешто, без оглед на индивидуалните можности на практикантот. Се вели „Секој може да практикува јога, само мрзеливиот не“. Тоа не значи дека секој може сѐ, туку дека за секого има нешто во јогата што би можело да му го подобри квалитетот на животот и да му помогне на патот на личната еволуција.
Она што важи за секој вид вежби, важи и тука. Не е сè за секого. Работете внимателно и само во рамките на вашите можности. Слушајте и почитувајте го вашето тело. Некои вежби можеби ќе бидат премногу лесни за вас, некои нема да можете да ги исполните. Сепак, препораката е да ги вежбате во редоследот по кој се дадени. Колку можете, толку. Постепено и нежно, нема потреба од брзање. Доколку за прв пат правите одредена вежба која ви изгледа тешка, побарајте помош од член на семејството или пријател… Понекогаш самото присуство е доволно охрабрувачко.