Едукативен интерактивен настан за идните доктори
Скопје, 28.10.2019 година
На 21.10.2019 година во амфитеатарот на Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје се одржа едукативен интерактивен настан како дел од „Националните денови на мултипла склероза”.
Овој настан беше во организација на Македонската медицинска студентска асоцијација (ММСА) со поддршка на Националното здружение за МС.
Целта на едукативниот настан беше во насока на подигнување на свеста и интересот на идните доктори за оваа болест и приближување до искуствата што ги преживуваат пациентите со мултипла склероза. Свое излагање имаше насл. доц. д-р Игор Кузмановски од ЈЗУ Универзитетската клиника за неврологија, Скопје кој зборуваше за историјатот, дефиниција, карактеристики на болеста и современ третман.
Присуството на пациент со мултипла склероза му даде сосема нова димензија на самиот настан, каде преку приказ на случај од страна на Бојан, студент по медицина, студентите имаа можност теоретски да се запознаат со симптомите, процесот на дијагноза, изборот на третман и практично да го видат и да го осознаат презентираниот пациент.
Ова претставуваше одлична можност да бидат поставени прашања од студентите и одговор од неврологот, како и да се сподели животното искуство со болеста со која пациентот живее.
Овој настан беше организиран за нашите идни доктори, бидејќи сегашниот стручен кадар со текот на времето ќе го оствари правото на пензија, а на пациентите секогаш ќе им биде потребен квалитетен стручен тим на доктори, затоа што нашата мултипла склероза не на остава на мир ни ден, ни минута, ни секунда, а ниту пак ќе се пензионира.