Утоф феномен

Утофовиот феномен (Утоф сигнал) се карактеризира со привремено влошување на симптомите на МС предизвикано од покачување на телесната температура. Обично се појавува во форма на оптички невритис или некој друг симптом поврзан со видот, но исто така може да се однесува и на замор, болка, рамнотежа, слабост, тешкотии со мочниот меур, симптоми поврзани со когнитивните или сензорните способности.
Состојбата е именувана по германскиот невро-офталмолог „Wilhelm Uhthoff“ кој за прв пат ја опишал во 1890 година. Тој забележал дека некои од неговите пациенти пријавиле дека нивните тешкотии со видот се влошиле после физичка активност, вежбање. Во тоа време Uhthoff ги поврзал влошените симптоми со напорот при вежбањето, но сегашните сознанија ни укажуваат дека ефектот е предизвикан од зголемување на телесната температура.
Зголемената телесна температура може да биде предизвикана од топлото време, централно греење, болест или треска, како и од физички напор. Истражувањата покажуваат дека многу мало покачување на температурата е доволно за да го блокира или забави спроведувањето на нервниот импулс низ нерв кој претрпел демиелинизација предизвикана од МС. Ова може да ги влоши постоечките симптоми, но откако температурата на телото ќе се врати во нормала, симптомите генерално се подобруваат.
Ако забележите дека вашите вообичаени симптоми се влошуваат, може да се земе предвид и чувствителноста на организмот на покачена температура. Можеби имате скриена инфекција за која не сте свесни, како што е заболување на непцата или инфекција на уринарниот тракт. Ако забележите појава на било какви нови симптоми треба да разговарате со вашиот лекар.
Утофовиот феномен не мора да значи дека би ве спречил да бидете физички активни и редовно да вежбате, но за време на овие активности задолжително треба да го разладувате телото. Пиењето ладни пијалаци пред и за време на вежбањето, вежбање во ладна вода или користењето облека за ладење може да го ублажат проблемот.
Извор: https://mstrust.org.uk/a-z/uhthoffs-phenomenon
Забелешка: Рубриката „Најнови информации“ е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.