Како да водите поквалитетен живот со мултипла склероза

Што е потребно за релативно задоволство во текот на една хронична болест?
Најуспешни во тоа се пациентите што се активно вклучени во сопственото лекување, исто како и во другите делови од својот живот. Тие се, исто така, флексибилни, оптимистични, полни со информации и позитивни. Тие тогаш имаат реален став кон решавањето на проблемите. Позитивен став е можно да се постигне и покрај негативните последици од болеста, како што се: физичките симптоми, ограничената активност, проблемите во семејството.
Преземете ја контролата: Хроничните болни што се активно вклучени во светот што ги опкружува, особено во сопственото лекување, имаат попозитивен став, а со самото тоа и подобра здравствена состојба.
Реално и флексибилно прифатете ја својата болест: Немојте тврдоглаво да се обидувате да правите сѐ што сте правеле и пред тоа, занемарувајќи ги своите симптоми и промените во способностите што се намалени. Тоа значи да се откажете од некои активности и да преземете нови.
Одржувајте цврсти врски со семејството и со пријателите: Одржувањето силни врски е важно за сите луѓе, а особено за пациентите со хронични болести. Луѓето мора да знаат дека се сакани и потребни. Исто така, ние треба да водиме грижа за оние што ни се блиски. Разговарајте за овие промени со своето семејство и со пријателите и најдете начин за одржување на меѓусебните односи.
Искреноста и соработката се важни во семејството: Пациентите со МС не се единствените што мораат да се приспособат на одредена ситуација. Секој член во семејството се справува со тоа на свој начин. Процесот на приспособување би требало да биде охрабрувачки, но неприсилен. Разговорот за сопствените чувства, без разлика дали се позитивни или негативни, во новонастанатата ситуација им помага и на пациентот и на семејството.
Личноста со МС би требало да преземе иницијатива и да ги охрабри другите на отворен разговор.
Создавајте реални краткорочни и долгорочни цели.
ЦЕЛТА МУ ЈА ДАВА СМИСЛАТА НА ПОСТОЕЊЕ НА ВАШИОТ ЖИВОТ
Најдете програм со вежби што Ви одговараат: Физичката активност помага при создавање ендорфин во мозокот, кој понекогаш делува слично на седативите за мускулно опуштање. Исто така, позитивно влијае на расположението и на процесот на размислување.
Избегнувајте негативност: Депресијата може да Ве спречи во физичките активности и да влијае на Вашата физичка и општествена способност. Морате да разберете дека отстранувањето на негативноста е патот до системот на нови вредности, со кои ќе ја пребродите лошата состојба.
Важно е да имате лекар што го почитувате и во кого имате доверба.
И контролата на стресот останува многу битен сегмент за согледување на МС бидејќи постои нејасен, но поврзан причинител во настанувањето или влошувањето на мултипла склерозата под дејство на стресот. Сигурно дека никој не се чувствува добро кога е изложен на стрес, но пациентите со мултипла склероза особено тешко ги поднесуваат стресните ситуации. Затоа е многу важно да ги препознаеме причинителите за стрес и, колку што е можно повеќе, навреме да ги елиминираме. За пациентите со мултипла склероза стрес претставува и самото соочување со оваа болест. Затоа е важно да се знае дека стресот не влијае еднакво на секого, како и дека различно се манифестира ‒ кај некого во вид на осип, кај некого доаѓа до стомачни тегоби, а кај некого се јавува вкочанетост на мускулите на некои делови од телото. Многу од болните со мултипла склероза ќе кажат дека имале влошување на состојбата за време на стресниот период. Затоа е препорачливо пациентите да научат да се опуштаат. Опуштањето не значи само човек да легне, опуштањето се учи, тоа се наметнува како потреба и како лек. Важно е да се нагласи дека пациентот треба да сфати што го опушта и тој начин на опуштање да го применува.