Шест видови на замор и како тие влијаат врз нас

Дали знаевте дека постојат разни видови на замор и дека секој од нив ни предизвикува различно чувство?
Пред извесно време учествував на семинар за мултипла склероза (МС) каде што медицинска сестра зборуваше за замор. Таа зборуваше за различни видови на замор и како симптомите може да варираат кај секој од нив.
Таа наведе 6 видови на замор: социјален, емоционален, физички, ментален, замор предизвикан од болка и замор како последица од хронична болест.
Се разбира, овој број може да варира во зависност од тоа од каде црпиме информации и како се класифицира секој вид но, следново објаснување се однесува на шесте типа на замор за кои медицинската сестра зборуваше тој ден.
Социјален замор
Ова е замор што може да се почувствува при подолготраен разговор (индивидуален или во група). Заморот може да се појави после разговорот, особено ако е потребно да излезете или да патувате на договорената средба, што бара повеќе енергија.
Одговарањето на текстуални пораки или активноста на социјалните мрежи исто така можат да предизвикаат замор.
Понатаму, видео повиците стануваат сè поактуелен начин на комуникација и црпат многу енергија, особено кај оние лица кои не се доволно запознаени и обучени за работа со технолошките уреди. Воспоставувањето видео повик и самото појавување на екранот, кај некои лица може да предизвика дополнителен стрес.
Социјалниот замор може да ни предизвика чувство на возбуденост, стрес и истоштеност, а тоа влијае на нивото на енергија во нашето тело.
Емоционален замор
Емоционалниот замор вклучува моменти кога подолг период чувствуваме тага, лутина, депресија или фрустрација. Тоа се случува на пример кога сме тажни и многу плачеме, а потоа чувствуваме болка во очите. Телото е погодено од причина што за да се доживеат овие чувства потребна е голема количина енергија.
Физички замор
Овој вид на замор се јавува како последица на физичка активност. Може да се појави после туширање, готвење или трчање. На многу луѓе не им пречи чувството на физички замор предизвикано од некоја активност, затоа што може да има придобивки, како што е на пример подобар сон.
Со хронична болест како што е МС, често можеме да се чувствуваме истоштено, дури и кога не правиме ништо. Иронично, но поголема физичка активност со текот на времето ни дава повеќе енергија.
Замор предизвикан од болка
Болката може да предизвикала лош сон, што доведува до замор следниот ден. Обидот некому да се објасни болката исто така може да биде исцрпувачки и може да доведе до емоционален замор. Понекогаш, менталниот аспект на болката може да направи да се чувствуваме депресивно, а со тоа и истоштено. Исто така, кога секое движење е проследено со болка, станува сè потешко да се најде енергија за нашата подвижност.
Ментален замор
Овој замор се појавува како последица од преголема ментална активност. На пример, тука се вбројува редење сложувалки, решавање проблеми и одговарање на прашања. По овој вид активност, вообичаено е да се чувствуваат повеќе когнитивни симптоми како што е замагленост во главата. Според моето искуство, ако имам вакви активности доцна во ноќта, мојот мозок понекогаш е тешко да се смири и да се исклучи. И недостатокот на квалитетен сон предизвикува замор.
Замор како последица на хронична болест
Понекогаш, за чувството на замор нема логично објаснување, освен дека е предизвикано од некоја хронична болест. Оштетувањето на мозокот или ‘рбетниот мозок во различни предели, може да доведе до замор. Едно истражување, со употреба на магнетна резонанца, покажува дека луѓето со МС користат повеќе енергија од просечниот човек, затоа што мозокот мора да работи двојно повеќе за да најде нови начини за испраќање пораки, што предизвикува замор.
Оштетувањето на централниот нервен систем може да доведе до она што се нарекува примарен замор. Секундарниот замор, кој е предизвикан од фактори поврзани со MС, може да биде виновен за недостаток на енергија. Проблемите со мочниот меур и инконтиненцијата придонесуваат да користиме повеќе енергија за да стигнеме до бањата, особено навечер. Мускулните грчеви, вкочанетост, болка или депресија исто така трошат енергија и може да влијаат на нашите тела. Дополнително, несаканите ефекти од лековите можат да предизвикаат замор.
Забелешка: Рубриката „Најнови информации“ е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.