Прогресивна мултипла склероза

Мултипла склероза (МС) е хронична, болест што честопати предизвикува инвалидитет, a го напаѓа централниот нервен систем, составен од мозок, ‘рбетен мозок и оптички нерв.
Болеста го напаѓа и уништува миелинот – заштитната масна изолација околу нервните влакна на мозокот и ‘рбетниот мозок – и ги прекинува сигналите меѓу мозокот и телото.
Штетата предизвикана од овие напади објаснува како болеста го добива своето име, „мултипла склероза“ буквално значи „многу лузни/лезии“. Оштетувањето останува со вас засекогаш.
Симптомите може да бидат благи, како што се вкочанетост во екстремитетите или сериозни, како што е слаба рамнотежа, напади на болки, парализа или губење на видот. Напредокот, сериозноста и специфичните симптоми на МС се непредвидливи и се разликуваат од личност до личност, а од време на време се разликуваат и во истата индивидуа, што го отежнува дијагностицирањето и третманот.
Искуството на секој поединец со МС е индивидуално, со различна комбинација на симптоми и сериозност на истите. Но, сите со оваа болест живеат со неизвесноста дали ќе напредува и дали ќе ја изгубат можноста да ги прават работите што им се најважни. Дури 80% од луѓето со МС може да развијат прогресивна форма на болеста за време на нивниот живот. Дијагнозата на прогресивна МС го носи живеењето со МС на ново ниво затоа што, за разлика од релапсно-ремитентната форма на МС не постојат ефективни третмани за прогресивна МС.
Што е прогресивна МС?
Ова е едно од главните прашања на кои сакаме да одговориме. Се разликува од релапсно-ремитентна форма на МС, која е најчестиот вид на мултипла склероза. До 65% од луѓето со МС со релапсно-ремитентна форма ќе развијат секундарно – прогресивна МС, додека оснатати (до 15%) се дијагностицираат со прогресивна МС од самиот почеток (примарно прогресивна МС). И примарно и секундарно прогресивна МС опфаќаат постојан развој на симптомите со подмолно прогресирање на инвалидитетот.
Примарно прогресивна МС
Се карактеризира со постојано влошување на невролошката функција од самиот почеток. Стапката на прогресија може да варира со текот на времето – со повремена непроменливост и привремени, мали подобрувања – но, за 90% од луѓето со примарно прогресивна МС, има неколку различни влошувања (исто така наречени напади или егзацербации) или ремисии.
Секундарно прогресивна МС
Се јавува по почетен период на релапсно-ремитентна форма на МС (најчеста форма на МС кај луѓе кои се ново-дијагностицирани). Кај секундарно прогресивната МС, болеста почнува да се влошува континуирано, со или без повремени напади, кратки ремисии или непроменливост.
Секој ден луѓето со прогресивна МС губат дел од можноста да се движат, да размислуваат и да се поврзат со оние што ги сакаат и со поширокиот свет. Иако постојат десетина признаени третмани кои влијаат врз релапсно-ремитентна форма на МС, постојат мал број на одобрени третмани кои влијаат врз болеста или ефективни симптоматски третмани за прогресивните форми на МС. Оваа ситуација е неприфатлива, но бариерите се сложени.
Факти и броеви
Во светот повеќе од 2,3 милиони луѓе во моментов живеат со оваа болест, од кои повеќе од еден милион имаат прогресивна МС.
До 65% од луѓето со релапсно-ремитентна МС, на крајот ќе развијат секундарно прогресивна МС.
До 15% од луѓето со МС од самиот почеток се дијагностицираат со прогресивна МС (примарно прогресивна МС).
Повеќето луѓе се дијагностицирани на возраст меѓу 20 и 50 години, иако МС може да се јави кај мали деца и значително постари возрасни лица.
МС се јавува кај повеќето етнички групи, но е почеста кај белата раса од северноевропско потекло. Во принцип, МС е почеста во областите најдалеку од екваторот. Сепак, стапките на распространетост може значително да се разликуваат кај групите кои живеат во иста географска област без оглед на растојанието од екваторот.
МС е најмалку два до три пати почеста кај жените отколку кај мажите, што укажува на тоа дека хормоните исто така може да играат значајна улога во одредувањето на подложноста кон МС. И некои неодамнешни студии навестуваат дека размерот жени-мажи може да е дури три или четири на еден.
Предизвици
И покрај напредокот кај другите форми на МС, прогресивната МС останува фрустрирачки невозможна за разбирање и лекување. Прогресивната МС нема една единствена, идентификувачка шема на болеста, така што искуството на живеење на едно лице може многу да се разликува од она кај друго лице.
Покрај стравот и неизвесноста што се јавува кај луѓето со прогресивна МС, тој исто така претставува предизвик и за лекарите и истражувачите.
Разбирањето на биолошките промени што ја одредуваат прогресијата е клучно за препознавање и развој на терапии за лицата кои живеат со прогресивна МС.
Извор: https://www.progressivemsalliance.org/progressive-ms/
Забелешка: Рубриката „Најнови информации“ е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.