Експериментален, дизајниран пробиотик покажува потенцијал за лекување на мултипла склероза (МС)

Дизајниран пробиотик може да биде еден од третманите во лекување на автоимунитет во мозокот кај пациенти со мултипла склероза (МС), сугерира истражувањето предводено од „Brigham and Women’s Hospital“ и Универзитетот „Harvard“.
„Дизајнираните пробиотици би можеле да го револуционизираат начинот на кој ги третираме хроничните болести“, истакна во изјава за печатот водечкиот научник Francisco Quintana, професор на Универзитетот „Harvard“ и истражувач во Центарот за невролошки болести „Ann Romney“ во „Brigham and Women’s Hospital“.
„Кога се зема лек, концентрацијата во крвотокот достигнува максимум по почетната доза, но потоа неговото ниво се намалува. Меѓутоа, ако можеме да користиме живи микроби за производство на лекови, тие можат да продолжат да го произведуваат активното соединение по потреба, што е од суштинско значење кога ќе ги земеме предвид хроничните болести кои бараат постојан третман“.
Дендритичните клетки се вид на имунолошки клетки кои се наоѓаат претежно во гастроинтестиналниот тракт и околу мозокот и невролошкиот систем. Тие се вклучени во развојот и активирањето на самореактивни патогени Т-клетки.
Како што е опишано во „Nature“, во истражувањето научниците ги анализирале овие клетки кај глувците за подобро да ја разберат улогата што ја играат во автоимуните болести како што е МС. Резултатите покажале дека постои сигнален циклус кај дендритичните клетки дизајнирани да ја ограничат прекумерната имунолошка активација како онаа што се забележува кај автоимуните болести.
Протеинот наречен NDUFA4L2 го ограничува производството на митохондријални реактивни молекули на кислород кои предизвикуваат активирање на патогени автоимуни Т-клетки. Лактат се произведува од голем број клетки во телото и тоа го зајакнува изразувањето на протеинот NDUFA4L2 преку факторот 1α што предизвикува хипоксија (HIF-1α).
Quintana и тимот создадоа пробиотик кој произведува лактат и може да го активира природниот анти-автоимунитетен циклус во дендритичните клетки.
„Проботиците не се ништо ново – сите знаеме дека се нудат како додатоци во исхраната, а се продаваат како продукт за промоција на здравјето“, рече Quintana. „Со користење на синтетичка биологија за да ги провоцираме пробиотските бактерии да произведуваат специфични соединенија релевантни за болести, можеме да ги искористиме придобивките и да ги зголемиме до максимум“.
Кога тимот го тестирал пробиотикот кај глувчешки модел на МС, откриле дека воспалението и симптомите на мозокот кај животното се намалени. Овие резултати сè уште не се потврдени кај луѓето, но научниците сметаат дека во иднина овој пробиотик може да биде корисен за пациентите со болести како што е МС.
„Во последните децении научивме дека микробите на цревата имаат значително влијание врз централниот нервен систем“, истакна Quintana. „Една од причините зошто во оваа студија се фокусиравме на мултипла склероза беше да утврдиме дали можеме да го искористиме овој ефект во лекувањето на автоимуните болести на мозокот. Резултатите сугерираат дека можеме“.
Забелешка: Овој текст има информативен карактер и необезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.