Придобивки и потврдени ризици поврзани со користењето на пчелниот отров

Терапијата со убод од пчели, исто така наречена „терапија со пчелен отров“ претставува терапија со убод од пчели во контролиран амбиент.
Поконкретно, терапијата со убод од пчели е еден вид „апитерапија“, термин кој се однесува на употреба на пчелни производи за лекување на медицински состојби. Други форми на апитетерапија вклучуваат употреба на пчелен полен, прополис (восочна супстанција произведена од пчели), суров мед и матичен млеч.
Како делува терапијата со пчелен отров
Се верува дека терапијата со убод од пчели делува така што се користи организмот на пациентот за да се намали воспалението. Теоретски убодот од пчела предизвикува воспаление, а тоа предизвикува антиинфламаторна реакција од организмот. Веројатно ова би предизвикало намалување на воспалението во други делови на телото, како што се мозокот и ‘рбетниот мозок, каде што заштитната миелинска обвивка која ги опкружува нервните влакна кај лицата со МС е нападната од имунолошкиот систем.
Што се случува за време на третманот
Практичари на ваквата терапија може да бидат медицински сестри, акупунктуристи, вљубеници во природата, заинтересирани лица вклучително и пчелари. Некои пак порачуваат пчели и терапијата ја спроведуваат самостојно. Терапијата со убод од пчели може да ја препорачаат и лекарите – тие користат отров во форма на инјекции кој се аплицира поткожно.
Пред да започне третманот, терапевтот може да ви инјектира слаба форма на отров со што се проверува дали ќе ви се појави алергиска реакција. Пчелата со пинцета се држи до одреден дел на телото. Осилото се остава 15 минути, а потоа се отстранува. Во секоја сесија се нанесуваат помеѓу 20 и 40 убоди, а едно лице обично се подложува на три сесии неделно.
Ефикасност на терапијата со пчелин отров
Терапијата со убод од пчели за третман на МС е проучена на лимитирана основа. Неколку студии користеле терапија со убод од пчели кај глувци кои имале експериментален алергиски енцефаломиелитис „experimental allergic encephalomyelitis (ЕАЕ)“, состојба која наликува на МС кај луѓето. Третманот не само што не покажал никаков позитивен ефект, туку се чинело дека некои од глувците кои примаат убоди од пчели имаат влошени симптоми.
Во Холандија било спроведено истражување врз 24 испитаници со релапсно – реминентна, или секундарно – прогресивна форма на МС. Испитаниците имале добра толеранција на третманот, но на снимките на МР не биле забележани никакви корисни ефекти. Учесниците, исто така, не забележале подобрување во нивната попреченост, замор или квалитет на живот.
И покрај недостатокот на научни докази терапијата со убод од пчели од некои лица со МС е пријавена како делотворна во зголемување на стабилноста како и намалување на заморот и спазмите, кои се вообичаени симптоми на МС.
Ризици од терапијата со пчелин отров
Болката е еден од најголемите недостатоци при терапијата со убод од пчели. Покрај непријатноста од убодите на 40 пчели кај повеќето луѓе се појавува оток и црвенило на местото на убодот. Отокот и болката генерално може да се ублажат со примена на ладни облоги пред и после убодот.
Други вообичаени несакани ефекти։
- Чешање
- Пецкање
- Замор
- Анксиозност
- Кашлица
- Главоболка
- Намален апетит
- Пожолтување на белката во очите (појава наречена жолтица)
- Болка во левото рамо, раката, како и градите
- Мускулна слабост на левата рака и дланка
Ретко, но сепак се пријавени и следните многу сериозни несакани ефекти։
Смрт
Мал број луѓе (помалку од 100) умираат секоја година како последица од реакција на убод од пчела. Овие смртни случаи може да се должат на анафилакса (тешки алергиски реакции) или срцеви напади предизвикани од блага алергиска реакција во комбинација со други фактори како што е дехидрација или постоечка срцева состојба. Она што е важно кај алергиските реакции е „Epi-Pen Autoinjector“ секогаш да ви биде при рака.
Оптички невритис
Воспаление на оптичкиот нерв (оптички невритис) може да се појави (без разлика дали имате МС или не) кога убодот од пчели се аплицира на, или во близина на пределот на очите, вклучувајќи го и пределот на веѓите. Ова е причината зошто е важно да се избегнат убоди од пчели во оваа област.
Акутен дисеминиран енцефаломиелитис (Acute Disseminated Encephalomyelitis)
Ова е ретка форма на воспаление на централниот нервен систем, која е многу слична со онаа што се јавува кај МС.
Заклучок
Она што првенствено треба да го имате на ум е дека терапијата со убод од пчели треба да биде комплементарна терапија со МС, што значи дека не треба да се користи како замена за терапии за модифицирање на болеста.
Второ, до сега едноставно нема доволно цврсти докази за поддршка на терапијата со убод од пчели како ефикасен третман за МС. Со други зборови, потребни се повеќе клинички студии за навистина да се разберат придобивките од ваквата терапија во третманот на МС (доколку воопшто ги има). На крајот, ако сте заинтересирани за дополнителна терапија во третманот на МС разговарајте со вашиот невролог. Можеби терапија која е порелаксирачка и научно докажана, како јога или прогресивна мускулна релаксација би била најдобра за вас.
Извор: https://www.verywellhealth.com/bee-venom-therapy-for-ms-2440481
Забелешка: Рубриката „Најнови информации“ е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.