Третманите за мултипла склероза и опаѓање на косата։ што треба да знаете

Опаѓањето на косата не е симптом на мултипла склероза (МС), но може да биде несакан ефект предизвикан од различни третмани за МС, особено имуносупресивни терапии и други лекови како што се антидепресивите. Самата дијагноза на МС, исто така може да претставува фактор кој придонесува за опаѓање на косата предизвикан од стрес. Опаѓањето или проретчувањето на косата најчесто е привремена појава, а урамнотежената исхрана, грижата за вашиот скалп и редовната грижа за косата може да помогне да се ублажат ефектите.
МС и опаѓање на косата
Опаѓањето на косата е природна појава. Во просек губиме помеѓу 50 и 100 влакна на ден, често без да забележиме. Опаѓањето на косата не бара третман и е или привремено, или е нормален дел од стареењето, но ако забележите зголемено губењето на косата и откриете дека вашата коса се проретчува може да биде вознемирувачки знак.
Губењето на косата не е симптом на МС, но опаѓањето на косата е несакан ефект на некои лекови за МС или некои други најчесто примани лекарства. Дијагнозата на МС, исто така може да биде фактор кој придонесува за опаѓање на косата поврзан со стрес. Не постои директен доказ дека алопецијата е почеста кај пациенти со МС отколку кај општата популација.
Треба да размислите да посетите лекар ако:
- имате ненадејно опаѓање на косата
- развивате ќелави дамки
- косата ви опаѓа во клопчиња како волница
- главата ве чеша и пече
- ако сте загрижени поради опаѓањето на косата
Зошто косата ми се проретчува?
Не е едноставно да се утврди точната причина за опаѓање на косата. Постојат неколку типови – косата опаѓа во делови, само на одредени области или може да забележите општо проретчена коса.
- Генетско опаѓање на косата – кај мажите како и кај жените
- Ова е најчеста форма на опаѓање на косата и е трајно.
- Се должи на семејна историја на опаѓање на косата и не е карактеристично за МС.
- Обично го зафаќа пределот на слепоочниците, или темето на главата кај мажите
- Кај мажите често се јавува уште во тинејџерските години, а веројатноста се зголемува со возраста
- Кај жените обично се појавува во 50-тите или 60-тите години, а понекогаш и во 30-тите или 40-тите години.
- Косата се губи на предниот дел, горниот дел и круната на скалпот кај жените.
- Проретчување на косата (telogen effluvium)
Вториот најчест тип на опаѓање на косата (telogen effluvium) се јавува кога има значително зголемување на опаднати влакна секојдневно (300). Се карактеризира со ненадеен почеток на дифузно опаѓање на косата, обично се забележува 2-3 месеци по предизвикувачкиот настан. Обично е ограничено и трае до 6 месеци, додека кај хроничниот „telogen effluvium“ опстојува и подолго.
Во вообичаени предизвикувачи на „telogen effluvium“ вклучуваме։
Хормонални
- Бременост
- Постпарталното опаѓање на косата може да се појави 2 до 4 месеци по породувањето (кај 40 – 50% од жените)
- Менопауза
- Прекинување на употребата на апчиња за контрацепција
Физиолошки или емоционален стрес
- Хируршки зафат или општа анестезија
- Повреда
- Сериозна болест
- Тешка траума, стресен или значаен животен настан
Диететски предизвикувачи
- Сериозно ограничување на калориите
- Ниско протеинска исхрана
- Недостаток на Омега 3 и 6
- Недостаток на витамин Д
- Недостаток на железо
- Недостаток на витамин Б
Лекарства
- Лекови за третман на МС
На веб-страницата на „OMS“ можете да најдете повеќе информации за секој лек, вклучувајќи несакани ефекти, ризици и придобивки.
Имуносупресивна терапија
Губењето на косата релативно често е забележано кај лица со МС кои примаат имуносупресивна терапија и се смета дека е последица на токсифицирање на фоликулот на влакната на косата. Тука вклучуваме։
- Azathioprine – губењето на косата е чест несакан ефект
- Methotrexate – губењето на косата е чест несакан ефект (се јавува кај 29,4% од пациентите)
- Cyclophosphamide , (генеричко име за Endoxan, Cytoxan, Neosar, Procytox, и Revimmune) – уште еден моќен антиканцероген лек, кој се користи за намалување на бројот на Т и Б-клетките кои можат да предизвикаат имунолошки напад. Губењето на косата е чест несакан ефект.
- Mitoxantrone (познат и како Novantrone) – Mitoxantrone е хемотерапевтски лек кој се користи за третман на некои видови на рак, а опаѓањето на косата е познат несакан ефект. Овој лек може да предизвика целосно опаѓање на косата, но обично повторно ќе порасне откако ќе го завршите третманот со хемотерапија.
- Cladribine (Mavenclad) – губењето на косата е чест несакан ефект на Cladribine (Mavenclad) што значи дека се појавува кај повеќе од едно од 100 лица.
Други лекови за МС кои можат да предизвикаат опаѓање / проретчување на косата.
Вообичаени։
- Beta-Interferons (Avonex, Rebif and Betaferon или Betaseron)
Според спроведените студии повеќе од една третина од пациентите доживеале опаѓање на косата. Според една студија повеќе од половина од пациентите доживеале губење на косата во првите шест месеци од третманот.
- Teriflunomide (Aubagio)
Губењето на косата е чест несакан ефект на Teriflunomide (Aubagio). Обично опаѓањето е благо и привремено и не бара прекин на лекувањето. Според една студија истенчување на влакната се појавило кај 10-14% од пациентите третирани со „teriflunomide“, во споредба со 5% од пациентите третирани со плацебо.
- HSCT „Haemotopoeitic stem cell transplant“ (Трансплантација на хематопоетски матични клетки)
Агресивен третман за МС кој вклучува бришење на имунолошкиот систем на пациентот со хемотерапија, и потоа негово обновување со трансплантација на матични клетки. Губењето на косата често е еден од несаканите ефекти на хемотерапијата што се користи за време на овој третман.
Невообичаени – многу ретки։
- Fingolimod (Gilenya)
Губењето на косата е редок несакан ефект на Fingolimod (Gilenya). Ова значи дека се јавува помеѓу 1 од 100 и 1 од 1000 лица.
- Alemtuzumab (Lemtrada)
Се чини дека опаѓањето на косата е многу редок несакан ефект на Alemtuzumab (Lemtrada). Пријавен е еден познат случај на универзална алопеција.
- Dimethyl-fumarate (Tecfidera, BG-12)
Губењето на косата не е пријавен несакан ефект на Dimethyl-fumarate (Tecfidera, BG-12), но се чини дека има некои изолирани појави. Идентификуван е еден случај каде опаѓањето на косата се случило три месеци по започнувањето на третманот со Tecfidera. Косата повторно растела во текот на неколку месеци, а третманот се продолжил.
Непозната инциденца
- Glatiramer Acetate (Capoxone)
- LDN
- Natalizumab (Tysabri)
- Стероиди
- Ocrelizumab (Ocrevus)
Вреди да разговарате со вашиот невролог за кој било лек ако предизвикува несакани ефекти, особено ако се сериозни, но мора да ги пресметате придобивките од лекот и дали тој ги подобрува симптомите на МС.
Губењето на косата, исто така може да е несакан ефект на друг лек кој го примате:
- Антидепресиви и стабилизатори на расположението
Депресијата е чест симптом или коморбидитет на МС, затоа во третманот може да се препишат антидепресиви или стабилизатори на расположението. Антидепресивите исто така често се користат за лекување на синдроми на невропатска болка. Ако земате еден од овие лекови може да се случи да предизвикаат опаѓање на косата. Ова е случај 4-8 недели по започнувањето на третманот. Состојбата не е трајна и косата обично се обновува до шест месеци по завршување на третманот.
- Лекови за епилепсија
- Лекови за мигрена
- Лекови за крвен притисок
- HRT (Hormone replacement therapy)
- Лекови за резредување на крвта
- Лекови за акни
Други типови на опаѓање на косата (неповрзани со МС)
Симптом на друга медицинска состојба:
- Заболување на тироидната жлезда
- Инфекции на скалпот
- Други автоимуни заболувања – lupus, Hashimoto’s disease, Graves’ disease, rheumatoid arthritis, alopecia areata (види подолу)
- Alopecia Areata
Alopecia areata (AA) е вообичаено автоимуно нарушување кое често резултира со непредвидливо опаѓање на косата. Косата опаѓа во парчиња и се јавува затоа што фоликулот на влакното е зафатен од воспаление. Не може да се предвиди колку коса ќе се изгуби. 4 од 5 лица ќе доживеат целосен повторен раст на косата во рок од 1 година без третман. „ Alopecia universalis“ е напредна форма на АА кога има целосно губење на влакната на телото и „ alopecia totalis“, кога има целосно губење на влакната на скалпот – ова е случај кај околу 5% од лицата со АА.
Лице со „аlopecia аreata“ има малку поголема веројатност да развие други автоимуни состојби како што се болест на тироидната жлезда, дијабетес, лупус и витилиго, од лице кое нема АА. Сепак, се чини дека не постои поврзаност помеѓу АА и МС.
- Трихотиломанија
Трихотиломанија, позната и како трих, е нарушување карактеристично со кубење на косата кога некој не може да одолее на нагонот. Овие лица може да ги искубат влакната на главата или на друг дел на телото, како што се веѓите или трепките. Ова може да предизвика ќелави дамки.
Начини на кои можете да го подобрите растот на косата
Нема многу докажани третмани за губење на косата, но има некои работи кои можете да ги направите за да го подобрите здравјето на вашата коса:
- Бидете нежни со вашата коса. Избегнувајте груби третмани, боење или затегнати фризури.
- Грижете се за вашиот скалп. Нежно масирајте за да го зголемите протокот на крв и да го стимулирате скалпот.
- Одржувајте ја косата и скалпот хидрирани – редовно уредувајте ја косата.
- Ако мислите дека губењето на косата може да биде предизвикано од стрес, обидете се да го намалите стресот и практикувајте медитација базирана на внимание. Ова е клучен дел од „OMS Recovery Program“.
- Ако се лекувате со хемотерапија, побарајте од вашиот лекар капа за разладување. Оваа капа може да го намали ризикот од губење на косата за време на хемотерапијата.
- Јадете урамнотежена исхрана:
- Есенцијалните масни киселини, особено омега-3, играат клучна улога за здравјето на вашата кожа, коса и нокти. Ова е клучен дел од „ OMS Recovery Program“ и може да се најде во: масни риби како лосос, туна и скуша, масло од ленено семе и некои јаткасти плодови како што се оревите и бадемите.
- Витамините Б6, Б12 и фолната киселина се важни за здрава коса, иако не го поттикнуваат растот на косата. Ако следите целосно вегетаријанска или веганска исхрана, можеби е добро да размислите за земање додаток Б12. Храната со Б6 вклучува банани, компири и спанаќ. Можете да добиете фолна киселина со многу свежо овошје и зеленчук, особено цитрусно овошје и домати. Го имаат и производите од цело зрно, гравот и леќата.
- Протеините се исто така клучни за одржување на вашата коса здрава. Светската здравствена организација (СЗО) сугерира дека соодветно е внесување на 0,83 g/kg протеини дневно. Риба, варен зелен зеленчук, авокадо, производи од соја, мешунки, цели зрна, јаткасти плодови и семиња се добри извори на протеини и се препорачуваат во „OMS Recovery Program“.
- Минералите како железо, магнезиум, цинк и биотин исто така можат да влијаат на косата.
- Тестирајте го нивото на железо за да проверите дали можеби сте анемични.
- Почекајте и видете – во повеќето случаи опаѓањето на косата со текот на времето ќе престане и ќе забележите повторно растење на косата.
Опаѓањето на косата не е симптом на МС, но може да биде поврзано како несакан ефект на некој лек или поради стресот предизвикан од дијагнозата на МС. Во поголемиот број случаи опаѓањето или проретчувањето на косата е привремено и не е потребен третман.
Извор: https://overcomingms.org/latest/ms-treatment-and-hair-loss-what-you-need-know
Забелешка: Овој текст има информативен карактер и не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.