Како мултипла склероза влијае на мозокот

Кога имате МС губењето клучеви или заборавањето на името може да биде застрашувачко. Се прашувате дали болеста ви го заматува размислувањето.
Во текот на животот околу половина од лицата со МС се соочуваат со одредени тешкотии при когнитивните процеси. Ова подразбира слаб фокус, забавено размислување или нејасна меморија.
Честопати овие нарушувања се занемарливи и не влијаат врз секојдневниот живот. Во ретки случаи се појавуваат тешкотии во размислувањето. Со ова нарушување се соочуваат околу 5 до 10 проценти од лицата со МС.
Знаци на нарушено размислување кај лицата со МС
Индициите дека се соочувате со нејасно размислување често се суптилни. Можеби нема да ги забележите симптомите додека пријател, соработник или член на семејството не ви ги посочи. Можеби։
- Не можете да ги најдете соодветните зборови кои сакате да ги изговорите,
- Заборавате на задачите кои треба да ги извршите или на оние кои веќе сте ги извршиле,
- Се соочувате со тешкотии при поставување на приоритети или планирање,
- Имате тешкотии со концентрацијата, особено кога следите две работи истовремено.
МС обично не ја зафаќа вашата интелигенција или долгорочната меморија. Овие тешкотии нема да ја променат вашата способност за читање и разговарање.
Тестирање и дијагностицирање за нарушено размислување
Ако се сомневате дека имате нарушување во когнитивните процеси разговарајте со вашиот невролог или семеен лекар. Заматеното размислување може да има повеќе причинители.
Вашиот лекар може да утврди дали можеби тешкотиите со кои се соочувате се предизвикани од нормалниот процес на стареење или од лекови кои можат да предизвикаат конфузија, депресија, вознемиреност или замор.
Откако ќе се исклучат или медицински третираат останатите здравствени проблеми, следниот чекор обично е тестирање. Вашиот лекар може да препорача посета на невропсихолог, говорен патолог или професионален терапевт.
Рехабилитација на мозокот и МС
Ако резултатите од тестовите покажат дека МС е причина за слабата меморија или менталниот фокус, една од опциите е да се обидете со рехабилитација која ќе ви помогне да го изострите вашето размислување. Ова може да вклучува։
- Вежби за меморија на компјутер. Иако истражувањата насочени кон вежбање на мозокот се релативно нови, сепак резултатите охрабруваат и покажуваат дека овие вежби се делотворни и можат да ја подобрат краткотрајната меморија,
- Игри со зборови, решавање крстозбор или загатки,
- Предизвик во читање.
Едноставните стратегии можат да ви помогнат да останете организирани и да ги надоместите празнините во меморијата.
- За да го следите распоредот користете календар, без разлика дали на вашиот компјутер, телефон или во печатена форма. Изгответе потсетници за важните датуми.
- Забележете си во тетратка, на табла или со помош на снимач на глас кои работи треба да ги запомните. Користете ја камерата на мобилниот телефон за да фотографирате нови луѓе, места и работи. Испратете си ги сликите самите на себе преку електронска пошта, со забелешка што треба да запомните.
- Залепете белешки низ вашиот дом, канцеларија или автомобил што ќе ви помогне да ја вежбате меморијата.
- Организирајте ги лекарствата кои ги примате во кутија за таблети. Некои од овие кутии имаат и вграден аларм кој ќе ве потсети кога е време да ја земете терапијата.
- Вградете GPS систем во автомобилот и користете апликација на вашиот мобилен телефон за да не се загубите.
- Поставете кутија или сад во централниот дел на вашиот дом каде ќе ги чувате клучевите од автомобилот, очилата и други предмети кои често ги користите. Исто така може да користите папка каде ќе стојат важните документи.
- Не брзајте. Потешко ќе се сетите ако брзате или ако сте под стрес. Кога ќе научите нешто ново земете длабок здив, паузирајте и концентрирајте се на тоа неколку секунди.
- Посветете се на извршување една задача во исто време. Исклучете ги апаратите кои ви го одвлекуваат вниманието како што се телевизорот, радиото или мобилниот телефон, за да можете подобро да се концентрирате.
Ретко, нарушувањата во размислувањето стануваат толку сериозни што лицето кое се соочува со нив има потреба од постојана грижа и не може да живее самостојно. Ако се соочите со ваква состојба разговарајте за достапните опции со вашиот лекар и семејството. Социјален работник или психолог, исто така може да помогне во изборот на опциите за нега.
Дали медицината може да помогне?
Научниците спроведуваат студии за да откријат дали лековите кои го забавуваат оштетувањето на нервите кај МС, наречени лекови за модифицирање на болеста, можат да помогнат и при тешкотии со размислувањето.
Други, разгледуваат третмани како што се лекарства за Алцхајмерова болест, кои можат привремено да ја подобрат вашата меморија и фокус. Замолете го вашиот лекар редовно да ве информира за ветувачки резултати.
Извор: https://www.webmd.com/multiple-sclerosis/multiple-sclerosis-related-thinking-problems
Забелешка: Рубриката „Најнови информации“ е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.