Како да преживеете магнетна резонанца ако сте клаустрофобични?

Клучен тест за идентификација на мултипла склероза за време на дијагностицирање или за потврдување на релапс е магнетна резонанца (МР). За оние кои никогаш не биле подложени на МР, помислата дека ќе го направат овој преглед може да биде застрашувачка. Да се биде сместен во магнетна цевка, која кога работи испушта заглушувачки звуци и бара целосна тишина и смиреност, може да биде застрашувачки.
Ова е особено стресно за оние кои треба да се подложат на дијагностика со и без контрастна боја и на кои истовремено им требаат снимки и на мозокот, и на ‘рбетниот столб. Да се мирува час и половина во тесен простор не е вештина со која повеќето луѓе можат да се пофалат! Не е од помош ако слушаме туѓи искуства, кои го опишуваат прегледот како нешто што изгледа невозможно да се издржи.
Сепак, постојат начини да се справиме МР. Дури и клаустрофобично лице (како мене) успева да најде решенија за справување со непријатноста од МР.
Не доживувајте го како зло
Екстремната бука на магнетите во цевката, слична на тапан е невозможно да се игнорира.
Техничарите за МР во лабораториите за радиологија имаат соодветна опрема за пригушување со чија помош ги заштитувате ушите и полесно ја блокирате бучавата. Повеќето лаборатории исто така се опремени со релаксирачка музика која може да ви помогне да се опуштите за време на прегледот.
Дали ќе можете да се опуштите и да заборавите на бучавата, зависи од неколку работи.
Ја одбравте ли вистинската музика? Еднаш избрав стенд-ап комедија и додека се чувствував многу опуштено, во исто време постојано сакав да се смеам на глас. Од практични причини тоа не е дозворено за време на МР.
Ја слушате ли музиката доволно гласно? Понекогаш музиката е премногу тивка, и со тоа нејзината функција станува бесмислена. Можете да ги замолите техничарите да ја пуштат погласно.
Користете ја вашата имагинација. Понекогаш замислувам дека се наоѓам на концерт, во непосредна близина на тапаните, а силните удирачки звуци всушност се звуци на вистински тапани. За среќа звуците имаат ритам. Моќта на умот може многу да ви помогне да поминете низ долг преглед во МР.
Далеку од очите, далеку од умот
Една од главните причини за тешкотиите со кои се соочуваат луѓето при преглед на МР е клаустрофобијата. Да бидеш сместен во цевка , а при тоа да останеш мирен и неподвижен подолго време претставува предизвик дури и за некој што нема страв за тесен простор.
Некои работи кои ги имам испробано:
Носете прекривка на очите: Ако видот е блокиран на овој начин, не можете да се загледувате во вашето опкружување, и во опремата која се наоѓа на само неколку сантиметри од вашето лице.
Завиткајте се во нешто: Кога влегувам на преглед, барам да бидам цврсто завиткан со едно од оние бели памучни ќебиња што ги има во болниците. Зошто? Постои одредена удобност во чувството дека сте „обвиткани“. Покривање со тешки ќебиња користат лицата што патат од несоница, лица со аутизам и оние со анксиозност, за да можат да имаат подобар сон. Обвиткувањето во ќебе при МР ги нуди истите придобивки.
Исто така, кога техничарот ќе го обвитка ќебето околу вашите раце и нозе, не можете да ги почувствувате вибрациите на машината, додека ве внесуваат во скенерот. Исто така, не можете толку едноставно да се одвиткате од ќебето, што помага да се спречи вознемиреноста.
Бидете МР
Употреба на само-хипноза или медитација, или техники на релаксација во МР, може да го претворат прегледот во смирувачко искуство.
Техниките за дишење, од принципите на јогата, ми се од неверојатна полза. Неподвижната лежечка положба е основен услов за успешен преглед, така што не можам да дишам длабоко без да правам движења. Но, дури и со обично дишење можете да броите колку пати земате и испуштате здив, како начин да го насочите вниманието на нешто друго. Кога го практикувам ова за време на прегледот, најчесто заспивам.
Користам и техника на визуелизирање. Визуелизирам златни прстени на светлина кои го обиколуваат моето тело. Почнувам од прстите и завршувам со темето на главата. Секој дел од моето тело полека се топи под замислената топлина на овие прстени. До моментот кога ќе стигнам до главата јас сум опуштен и го немам чувството дека срцето ќе ми излезе од градите.
Пристапете опуштено (лабаво)
Имам проблеми со грчеви во мускулите, што може да биде проблематично за време на МР. Ако грбот почне ми трне додека трае прегледот, единствениот вистински начин да ги релаксирам мускулите е едно нешто што не ми е дозволено да го сторам, да се раздвижам и протегнам. Затоа, генерално се обидувам да се олабавам и протегнам пред да влезам во скенерот. На техничарите нема да им пречи ако се протегнете при самиот почеток на прегледот, ако тоа значи дека ќе успеете да останете мирни до самиот крај и нема да има потреба прегледот да се повторува од почеток. Поставувањето перница под колената, исто така, го намалува притисокот на долниот дел на грбот.
Употребете помош
Кога се сомневате, можете да побарате лесен лек за релаксација за да ги смирите нервите за време на МР. Бидете сигурни дека ги земате вашите лекови за намалување на спазмите, доколку ви се препишани. Практикувајте здрава исхрана која го снабдува организмот со доволно магнезиум, калциум и калиум, што би спречило да ви се појават грчеви во мускулите за време на прегледот. Дури и банана непосредно пред да влезете во МР може многу да ви помогне.
Забелешка: Рубриката „Најнови информации“ е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.