Како да водите дневник за симптоми на мултипла склероза

Зошто е корисно да водите дневник за симптомите на МС?
Симптомите на МС се појавуваат па повторно се повлекуваат. Еден ден се чувствувате добро, а веќе следниот ден чувствувате толкав замор да не можете да станете од кревет. Многу работи можат да влијаат на тоа како се чувствувате, од временските услови до лекарствата кои ги примате. Дневникот може да помогне да ги следите симптомите и да откриете шеми кои може да објаснат зошто тие се случуваат.
Не мора да користите напредна технологија
Дневникот кој го водите не мора да изгледа претерано уредно. Можете да го пишувате рачно, во тетратка која стои во близина на креветот. Водете дневник за тоа како се чувствувате секој ден, како и што правевте во периодот кога се појавија симптомите. Можеби ќе напишете: „Вчера отидов на шопинг. Синоќа едвај спиев. Денеска симптомите ми се влошија. Мојата лева рака е послаба од десната“.
Ако сакате кортистете дигитални алатки
Бесплатните апликации може да ви помогнат да управувате со МС на вашиот паметен телефон или таблет. Некои од овие апликации ви овозможуваат да ги следите симптомите заедно со нивото на енергија, расположение, лекови и активност. Други го синхронизираат начинот на кој се чувствувате со дневната временска прогноза и ви дозволуваат да го споделите дневникот со вашиот лекар.
Научете ги симптомите на МС
За да водите точен дневник, треба да знаете што да барате. Некои вообичаени симптоми на МС кои може да ги имате:
- Интензивен замор кој започнува рано наутро или се појавува ненадејно и се влошува
- Слабост во нозете и стапалата што го отежнува одењето
- Вкочанетост или пецкање во рацете, нозете или лицето
- Мускулна вкочанетост и грчеви
- Двоен или заматен вид, или забрзано движење на очите
- Вртоглавица и проблеми со рамнотежата
Кои информации треба да ги внесете во дневникот
Под денот и датумот запишете го вашиот симптом и внесете детали како:
- Кога се појави и кога се повлече
- Не е важно дали се работи за нов симптом или веќе сте го имале
- Колку бил сериозен на скала од 1 до 5
- Што се случуваше кога започна (на пример, топол ден или физичка активност)
- Како тоа влијаеше на вашата активност
- Што направивте за да го третирате и дали тоа помогна
Како да ги следите влошувањата на состојбата
Кога симптомите повторно ќе се појават по период на смиреност, тоа се нарекува релапс. Релапсите може да бидат благи и едвај забележливи, или доволно интензивни за да ја нарушат вашата рутина и работните обврски. Користете го вашиот дневник за да запишете какви било промени. Споделете ја оваа информација со вашиот лекар за да го добиете вистинскиот третман.
Следете ги лекарствата кои ги примате
Лековите кои го забавуваат текот на болеста или ги третираат релапсите може да ви помогнат да управувате со симптомите. Водете евиденција во вашиот дневник за секој лек и додаток на исхраната кој го примате. Запишете ја дозата, дали ви помогнала во справување со симптомите и какви несакани ефекти забележавте.
Како влијаат временските услови
Дали ви се заматува видот или се чувствувате поуморни кога температурата се зголемува? Појавата на воспаленија, кои обично се поврзани со топлото време, обично се привремени, но тие можат да влијаат на вашите планови за тој ден. Кога симптомите ќе ви се влошат, опишете ги во вашиот дневник временските услови тој ден. Ако топлината и влажноста предизвикуваат проблеми, останете во климатизирани простории. Ако одите на отворено, понесете вентилатори и друга опрема за ладење.
Обрнете внимание на вашите активности
Внесувајте ги вашите фитнес сесии и активности во дневникот. Запишете колку долго вежбавте, колку труд вложивте и како се чувствувате. Ако во нешто претерувате, тоа може да ги влоши симптомите, но важно е да останете активни. Вежбањето е корисно во справувањето со замор и слабост. Обидете се да ги балансирате периодите на активност со одмор.
Внимавајте на вашата енергија
За да си помогнете во управувањето со вашиот замор, запишете ги нивоата на енергија во дневникот. Следете колку квалитетно сте спиеле и колку сте уморни следниот ден. Споредете ги вашите активности со заморот кој го чувствувате за да можете да утврдите кога треба да одморите.
Внесете ги и медицинските досиеја
Вашите симптоми кажуваат само дел од приказната за МС. За поцелосна слика, внесете ги резултатите од испитувањата и препораките на лекарот во вашиот дневник. Некои апликации ги уредуваат медицинските досиеја автоматски.
Побарајте од вашиот лекар копија од:
- Извештаи од магнетна резонанца (МР).
- Резултати од анализи на крвта
- Писма од вашиот лекар до други специјалисти
Што да направите кога ќе забележите шеми (патерни)
Дневникот може да открие некои вообичаени работи. Може да забележите дека симптомите се влошуваат кога вежбате надвор на топло време. Или би можеле да откриете дека сте најмногу уморни на пладне. Сознанијата за овие трендови ќе ви помогнат да ги прилагодите вашите дневни активности за да одговараат на начинот на кој се чувствувате. Исто така, може да му помогне на вашиот лекар да го прилагоди вашиот третман.
Прашања кои треба да му ги поставите на вашиот лекар
Понесете го со вас дневникот и списокот со прашања при следната посета кај вашиот лекар. Прашајте го:
- Какви шеми може да приметите во моите симптоми и активности?
- Дали правам нешто што може да предизвика да се чувствувам полошо?
- Што друго можам да направам за да ги контролирам влошувањата на симптомите?
- Дали треба да испробам нов третман или промена на дозата?
Извор: https://www.webmd.com/multiple-sclerosis/ss/slideshow-symptom-diary-multiple-sclerosis
Забелешка: Овој текст има информативен карактер и не оезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.