Мултипла склероза и губење на слухот
Околу 6% од лицата со мултипла склероза (МС) се справуваат со губење на слухот. Иако акутното оштетување на слухот предизвикано од МС има тенденција да се подобрува, важно е да го известите вашиот медицински тим веднаш штом забележите какви било промени. Тимот може да ги процени симптомите и да исклучи какви било други потенцијални причини за губење на слухот.
Што е мултипла склероза (МС)?
МС е хронично автоимуно заболување на централниот нервен систем (ЦНС), кој ги вклучува мозокот и ‘рбетниот мозок. Кај лицата со МС белите крвни зрнца го напаѓаат централниот нервен систем, предизвикувајќи воспаление и оштетување на заштитната обвивка која ги прекрива нервите (миелин), со што стануваат ранливи и нивната способност да пренесуваат електрични сигнали се намалува. Со текот на времето овој процес (наречен демиелинизација) кај лицата со МС може да предизвика различни симптоми кои влијаат на подвижноста, видот и когнитивното (ментално) функционирање.
Како МС предизвикува губење на слухот?
Губењето на слухот кај МС е ретка појава, и зафаќа само околу 6% од лицата со оваа состојба. Уште поретко, губењето на слухот може да биде првиот симптом на МС. Губењето на слухот може да влијае на луѓето кои се во рана или долготрајна фаза на МС.
Се верува дека губењето на слухот поврзано со МС може да резултира со оштетување на нервните патишта во мозокот и мозочното стебло. МС предизвикува формирање на лезии или области на оштетување и лузни (склероза) долж централниот нервен систем. Лезиите на мозочното стебло, аудитивниот (кохлеарен) нерв или други места може да го нарушат аудитивниот пат, што потенцијално може да доведе до губење на слухот.
Сензоневрален губиток на слухот се однесува на губење на слухот предизвикано од оштетување на аудитивниот нерв или структурите на внатрешното уво. Иако не е вообичаен симптом на МС, овој тип на губење на слухот е многу почест кај лицата со МС отколку кај општата популација. Ненадејно сензоневрално губење на слухот (SSHL), вообичаено се развива во текот на неколку часа до три дена. Кај 4 до 10 проценти од лицата со МС, овој тип на губење на слухот се јавува помеѓу релапси или ремисии. Како што напиша еден член на „MyMSTeam “за неговото губење на слухот, „проблемите ги почувствував откако ми се влошија симптомите минатиот март“.
Како изгледа губењето на слухот ако живеете со МС?
Членовите на „MyMSTeam“, заедно со останатите симптоми на МС пријавиле и губење на слухот. Еден од нив објаснува дека кај него губење на слухот било постепено: „ Изминатава недела полека го губев слухот. Тоа е малку иритирачки. Сѐ уште можам да слушам малку, но не доволно“. Друг пак на сличен начин опишува дека слухот на неговото десно уво полека ослабува откако му била дијагностицирана Релапсно – ремитирачка МС.
Друг член сподели дека наглото губење на слухот е она што го натерало да го посети својот лекар: „Се разбудив еден ден и не можев да слушам на едната страна. Тоа беше последната капка што го натера сопругот да инсистира на магнетна резонанца што резултираше со мојата дијагноза“.
Без разлика дали ќе доживеете постепени абнормалности или ненадејно губење на слухот, треба да разговарате со специјалист аудиолог или невролог веднаш штом забележите какви било промени.
Дијагностицирање на губење на слухот, ако живеете со МС
Важно е да се напомене дека МС не мора да биде причина за губење на слухот. Како што сподели еден член на „MyMSTeam“, „Пред околу три години, слухот на десното уво ми беше многу пригушен и имав многу зуење. Ме испратија на испитувања за слух и на магнетна резонанца, и тоа не беше поврзано со МС – ми беше дијагностицирана Мениер-ова болест (Ménière’s disease )“. Важно е, веднаш штом ќе забележите какви било промени во слухот да се обратите кај вашиот лекар за да се исклучи можноста за друга состојба.
Во повеќето случаи, аудиолог – давател на здравствена заштита специјализиран за евалуација, дијагноза и третман на проблеми со слухот и нарушувања на рамнотежата – ќе биде тој што ќе ја направи оваа процена. Тој може да утврди дали МС или друга состојба или болест, како што е инфекција на увото, може да предизвика промени во слухот.
Тестови за дијагностицирање на оштетување на слухот
Два типа на тестови може да се користат за дијагностицирање на губење на слухот кај лицата со МС: тест за аудитивен одговор на мозочното стебло (ABR), или магнетна резонанца (MRI).
Тест за аудитивен одговор на мозочното стебло (Auditory Brain Stem Response – ABR)
Тестот за аудитивен одговор на мозочното стебло (ABR), (понекогаш наречен BAER) одредува колку добро функционираат внатрешното уво (кохлеата) и аудитивните патишта на мозокот. Овој скрининг тест се користи за дијагностицирање на губење на слухот кај лица чии симптоми може да бидат предизвикани од промени во мозокот или мозочните патишта. Тоа е најсоодветниот тест за дијагностицирање на сензоневрален губиток на слухот кај лицата со МС.
За време на ABR тестот, електроди се лепат за кожата на скалпот и се поврзуваат со компјутер. Овие електроди ги снимаат промените во активноста на мозочните бранови кои се јавуваат како одговор на звуците што се репродуцираат преку слушалки.
Магнетна резонанца
Губењето на слухот може да биде еднострано (влијае на едното уво) или двострано (влијае на двете уши). Ако имате еднострано губење на слухот и се верува дека имате сензоневрален губиток на слухот, невролог може да препорача да направите испитување со магнетна резонанца. При ова испитување се користат радио бранови и магнетни полиња за да се создадат детални слики на внатрешното уво и неговите околни структури, кои можат да откријат лезии на МС на патеката на аудитивниот нерв.
Третман и управување со губење на слухот ако живеете со МС
Губењето на слухот поврзано со МС најчесто се управува со слушни помагала или лекови.
Слушни помагала
Слушниот апарат може да помогне во обновувањето на способноста за слух кај лицата со оштетување на внатрешното уво. Овој мал електронски уред работи со зголемување на одредени звучни вибрации кои го дразнат увото.
Неколку членови на „MyMSTeam“ пријавиле дека користат слушни помагала. Еден член сподели дека неговиот аудиолог препорачал слушни помагала и покрај тоа што имал само мало оштетување на слухот: „Вчера дознав дека имам одредено губење на слухот! Аудиологот смета дека ќе имам корист од носење слушни помагала, иако моменталното оштетување на слухот е сосема мало“.
Друг член со благо губење на слухот напиша дека слушните помагала имаат единствена придобивка: подобрување на концентрацијата. „Имам благо губење на слухот предизвикано од МС“, напиша овој член. „Пробав некои слушни помагала и навистина ми се допаѓа начинот на кој ми помагаат да се фокусирам“.
„Solu-Medrol“
Ненадејното сензоневрално губење на слухот понекогаш може да се третира со „ Solu-Medrol“ (метилпреднизолон). Овој лек обично се администрира интравенски.
Еден член на „MyMSTeam“ напиша дека Solu-Medrol помогнал при неговото постепено губење на слухот: „Губењето на слухот беше дел од листата на прашања со кои се занимавав околу еден месец. … По пет дена на „Solu-Medrol“ мојот слух се врати“. Сепак, друг член открил дека овој лек третира сè освен губењето на слухот: „ Додека не почнав да истражувам повеќе за поврзаноста на губење на слухот со МС, неколку месеци го третирав како проблем со алергија/синус. Имаше смисла бидејќи губењето на слухот започна за време на релапс, но тоа беше единствената работа за која интравенозниот метилпреднизолон (Solu-Medrol )не помогна“.
На крајот на краиштата, вие и вашиот медицински тим треба да работите заедно за да го пронајдете најдобриот третман за губење на слухот поврзано со МС.
Обезбедете систем за поддршка
„MyMSTeam “е социјална мрежа за лицата кои живеат со МС, и нивните најблиски. Овде се собираат повеќе од 165.000 членови за да поставуваат и одговараат на прашања, да понудат поддршка и да ги споделат своите искуства со мултипла склероза.
Дали се справувате со губење на слухот поврзано со МС? Споделете ја вашата приказна во коментарите подолу или со објавување на „MyMSTeam“.
Извор: www.mymsteam.com/resources/hearing-loss-and-multiple-sclerosis
Забелешка: Овој текст има информативен карактер и не оезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.