Дали мултипла склероза влијае на плодноста и бременоста?

Кај жените, мултиплата склероза (МС) често се дијагностицира во периодот околу 20-тата година, така што плодноста и бременоста се жешки теми за оние кои живеат со оваа болест.
Според The National Multiple Sclerosis Society, нема докази кои укажуваат на тоа дека мултиплата склероза има било каков ефект врз способноста на жената да забремени или да одржи здрава бременост. Многу студии покажуваат дека ризиците кај жените и нивните неродени бебиња за време на бременоста не се повисоки отколку кај жените без МС.
Пред 1950-тите, жените со MС биле советувани да не забременуваат и им било кажувано дека тоа би влијаело на влошување на нивните симптоми. Сепак, истражувањата покажале дека е точно токму спротивното, а многу жени пријавуваат подобрување на МС симптомите, како и намалување на релапсите за време на бременоста, особено во вториот и третиот триместар (период од три месеци).
Некои жени доживуваат проблеми со движењето во втората фаза од бременоста како резултат на промени во центарот за рамнотежа. Покрај тоа, проблемите со мочниот меур и дебелото црево можат да се влошат додека фетусот расте и ги турка внатрешните органи.
Постои зголемен ризик за појава на релапс(и) откако жената ќе се породи. Жените имаат за 30% поголем ризик за појава на релапс во тек на првите три месеци по породувањето,1,2 иако долгорочната анализа на жени со МС кои родиле покажа дека по овој период не постои дополнителен ризик.
Бременоста има тенденција да го зголеми нивото на природни кортикостероиди во телото, кое објаснува зошто многу жени се чувствуваат подобро во текот на бременоста. Овие нивоа значително би се намалиле по породувањето, па следствено на тоа би можело да се објасни зголемувањето на релапсите.
Сите видови на анестезија за олеснување на болката, која се користи за породувањето се смета за безбедна кај жените со MС.
Секоја жена која сака да забремени треба однапред да разговара со својот лекар за лековите кои ги прима. Многу лекови кои се користат за третман на MС не се безбедни за употреба во тек на бременоста и доењето.
Референци:
- Confavreux et al. N Engl J Med 1998; 339: 285-91;
- Vukusic et al. Brain 2004; 127: 1353-60.