Сè што треба да знаете за вакцините против COVID-19 и мултипла склероза

Дали треба да се вакцинирате ако имате мултипла склероза? Експертите ги разоткриваат вообичаените митови и ги презентираат потребните факти.
Епидемиолозите сè уште доаѓаат до нови сознанија околу различните видови на COVID-19 и вакцините, а лицата со мултипла склероза (МС) може да слушнат спротивставени препораки за вакцинирање.
На пример, можеби сте слушнале дека во ниту едно од бројните клинички испитувања не биле вклучени лица со МС така што и несаканите ефекти од вакцините се сѐ уште непознати. Или можеби ќе слушнете дека ако сте имунокомпромитирани, а вакцината предизвикува силен имунолошки одговор може да ве изложи на ризик.
Можеби имате и други хронични болести заради кои или ќе треба да ја одложите вакцинацијата на краток рок, или пак спротивно би се нашле во приоритетните групи за вакцинација.
Која е вистината? Епидемиолог и специјалист за МС нуди свое видување преку трите клучни точки кои треба да ги знаете.
Нема докази за значителни несакани ефекти
Иако е вистина дека во клиничките испитувања на вакцините не биле вклучени лица со МС тоа не значи дека вакцината не е безбедна за вас, вели Sri Banerjee, д-р епидемиолог и професор по јавно здравје на Walden University.
За загриженоста и дилемите на лицата со МС докторот дознал од неколку членови на неговото семејство кои имаат МС, како и од неговите пациенти.
„Клучната причина за загриженост најчесто е токму сознанието дека во ниту едно клиничко испитување не биле вклучени лица со МС” вели тој. „Сепак, тоа не значи дека прашањето не е анализирано од експерти“.
National MS Society собра група истражувачи и медицински професионалци за да ги прегледаат достапните податоци и врз основа на нив да дадат препораки засновани на докази, што може да ги најдете на веб-страницата на организацијата.
Користејќи сознанија од испитувањата на други вакцини спроведени на лица со МС, како и податоците од испитувањата на вакцините против COVID-19, National MS Society утврди дека лицата со МС треба да се вакцинираат против COVID-19. Тие исто така зазедоа став дека вакцините кои се примаат се безбедни и ефикасни.
Во однос на познатите несакани ефекти вакцината може да предизвика треска, а тоа може да ги влоши симптомите на МС. Сепак ова се смета за привремен несакан ефект и би требало да се повлече за неколку дена, а најчесто и порано.
Некои лица со МС треба да се сметаат за приоритетна група за вакцинација
Со самото тоа што имате МС се вбројувате во категорија со висок ризик што треба да гарантира добивање на вакцина веднаш кога е достапна.
Понатаму Националното здружение на лица со МС забележува дека некои лица спаѓаат во група со поголем ризик: оние кои имаат прогресивна форми на МС, повозрасните, оние кои имаат повисоко ниво на физичка попреченост или се припадници на црната или латино раса. Овие лица треба да ја примат вакцината веднаш штом е достапна.
Ова е така бидејќи овие фактори преку испитувања веќе покажаа дека се поврзани со развивање на тешки симптоми доколку заболите од COVID-19.
Според Центрите за контрола и превенција на болести (анг. Centers for Disease Control and Prevention, CDC) истото важи и доколку покрај МС имате и други хронични заболувања наречени коморбидитети. Тука спаѓаат:
- рак
- заболување на бубрезите
- хронично опструктивно белодробно заболување
- даунов синдром
- срцеви заболувања
- дебелина (обезност)
- болест на српести клетки
- дијабет тип 2
Пушењето и бременоста исто така придонесуваат кон развивање на сериозни симптоми при инфекција со COVID-19, додаваат од Центрите за контрола и превенција на болести.
„Колку е поголем ризикот, толку побрзо треба да се вакцинирате“, вели Banerjee.
„Прашањето кај било која вакцинација е која е предноста на раното вацинирање во однос на одложеното” додава тој. „За некои луѓе, чекањето нема да има значителен ефект и нема да го зголеми ризикот. Но, за оние со МС, особено оние кои имаат и други хронични заболувања, колку подолго чекаат толку повеќе ризикуваат “.
Уште една важна точка: доколку сте го прележале COVID-19 вирусот сепак не треба да отстапувате од планот за вакцинација.
Не треба да го прекинувате DMT (третманот за модифицирање на болеста) како начин да ја “подобрите” делотворноста на вакцината
Многу лица со МС примаат терапија за модифицирање на болеста, позната како DMT, која влијае на регулацијата на имунолошкиот систем.
Овие третмани дејствуваат со ограничување на имунолошкиот систем за да не започне да ги напаѓа клетките на сопственото тело, вели Barbara Giesser, д-р невролог и специјалист за МС на Pacific Neuroscience Institute”.
Од оваа причина некои лица со МС се изложени на поголем ризик од инфекција со COVID-19, вели таа.
Испитувањата кај други вакцини исто така сугерираат дека овие лица може да имаат намален одговор на вакцината за COVID-19, додава Geisser.
„Дури и да се случи ова, имајте на ум дека зборуваме за вакцини кои се 95 проценти ефикасни“, вели таа. „Дури и ако ја намалите ефикасноста за 20, па дури и 30 проценти, тоа е сепак многу подобро отколку да не примите вакцина што би имало нула ефикасност“.
Загриженоста за ефектот кој DMT го предизвикува кај вакцините доведе до дилеми кај некои пациенти дали треба привремено да ја прекинат терапијата како начин да се „подобри“ ефикасноста на вакцината, додава Banerjee. Но, тој вели дека тоа е опасна тактика.
„Наглото прекинување на DMT може да предизвика значителен ризик од попреченост и нови лезии“, вели тој. „Подобар пристап е да разговарате со вашиот лекар и да го усогласите времето на терапијата со вакцината како би добиле максимална ефикасност од двете”.
Заклучок
Најважниот совет од експертите? Разговарајте со вашиот здравствен тим за вашата специфична ситуација.
Иако препораките за вакцинација на лица со МС се однесуваат и на вас, сепак треба да се разговара за сѐ што ве загрижува особено ако сте имале сериозни алергиски реакции на вакцини во минатото, вели Geisser.
Најважно од се, дури и откако ќе се вакцинирате продолжете да се придржувате до мерките за заштита: носете маска, избегнувајте групирање и редовно одржувајте лична хигиена.
Забелешка: Рубриката „Најнови информации“ е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.