Она што важи за секој вид вежби, важи и тука. Не е сѐ за секого, но има за секого по нешто. Работете внимателно и во рамките на вашите можности. Вежбите стануваат прогресивно потешки. Понудени се повеќе варијанти за различен степен на подготвеност.
Слушајте и почитувајте го вашето тело. Некои вежби можеби ќе бидат премногу лесни за вас, некои нема да можете да ги исполните. Но, немојте да се осудувате. Препораката е да ги вежбате во редоследот по кој се дадени. Колку можете, толку. Постепено и нежно, нема потреба од брзање. Доколку за прв пат правите одредена вежба која ви изгледа тешка, побарајте помош од член на семејството или пријател, понекогаш самото присуство е доволно охрабрувачко. Ако некоја вежба воопшто не можете да ја направите, создадете си ментална слика како ја изведувате вежбата.
Без разлика колку чудно ви звучи, обидете се, од искуство можам да ви кажам дека дефинитивно има ефект. Користете помагала, перничиња, ремени, јога блокчиња и слично, секогаш кога ќе имате потреба од тоа.
Особено е важно да внимавате на дишењето и да го координирате со движењето. Кога телото се шири – вдишуваме. Кога телото се собира – издишуваме. Концентрација и фокус на вниманието, длабоко и рамномерно дишење, свесно движење – сите овие компоненти ни се потребни за да ги почувствуваме позитивните ефекти на вежбите.