Управување со автомобил и МС։ Како да ја зголемите безбедноста

МС може да го направи возењето предизвик. Може да влијае на вештините кои ви се потребни зад воланот – вашиот вид, меморија, рефлекси и подвижноста на рацете и нозете. Симптомите предизвикани од МС може да се појават и повторно да ги снема во еден ист ден. Можеби не е безбедно да возите кога симптомите ќе се појават, но обично е во ред да се вратите на возачкото седиште откако симптомите ќе се повлечат.
За повеќето лица кои се справуваат со оваа болест сепак некои алатки и навремено планирање може да го направат возењето полесно и побезбедно.
Направете проверка на вашите вештини
Понекогаш ќе забележите кога симптомите на МС влијаат врз вашето возење, како на пример не можете брзо да го поместите стапалото од педалата за гас до сопирачката. Но, некои симптоми не се толку очигледни. Вашиот мозок може да ја изгуби способноста да го процесира она што го гледате за да можете навремено да реагирате. Може да имате мали незгоди како на пример да го чукнете ивичникот од тротоарот кога паркирате, или може да се чувствувате изгубено возејќи по познати улици. Некои лица со МС не се свесни дека нивното возење е сменето додека некој близок не им укаже на тоа.
Aко не сте сигурни дали МС влијае на вашата способност за возење проверете кај специјалист за рехабилитација на возачи. Евалуацијата се состои од два дела, еден во канцеларија и еден зад воланот.
Тестот кој не се спроведува зад воланот ќе ја утврди вашата здравствена историја и историјата на управување со моторно возило. Специјалистот ќе ги утврди следниве работи։
- Медицинската историја
- Историјата на возачкото искуство
- Како МС влијае на извршувањето на секојдневните обврски, како што се облекување или капење
- Вашата сила и координација
- Вашиот вид
- Колку брзо вашиот мозок ги сортира информациите
- Вашата меморија
Ако работите поминат добро на овој тест, следува проценка на вашите способности зад воланот. Со овој тест ќе се утврди какви се вашите способности да։
- Влезете и излезете од автомобилот
- Да ја складирате личната опрема која ја користите за подобра подвижност, како бастун или инвалидска количка
- Како ги следите правилата за возење
- Како реагирате на опасности на патот
- Како го поместувате стапалото од педалата за гас на сопирачката
- Како се престројувате во сообраќајот
Потоа специјалистот може да утврди како МС влијае на вашето возење и да ви препорача што можете да преземете за возењето да биде полесно и побезбедно.
Опрема која може да ви помогне
Иако како возач може да се соочувате со повеќе предизвици тоа не значи дека воопшто нема да ви биде дозволено да возите, затоа не плашете се да добиете евалуација. На многу лица единствено им е потребна специјална опрема за автомобилот за да им помогне подобро да возат. Добра идеја е пред да купите нов автомобил да проверите какво возило или опрема ви е потребна.
Една од најчестите модификации на автомобилот е начинот на контрола на педалата за гас и вградување рачни сопирачки. Но, постојат и други опции, како што се:
- Помошни држачи кои ќе ви помогнат во управување со возилото
- Пошироки и поголеми ретровизори
- Специјални седишта кои ќе ви помогнат полесно да влезете и излезете од возилото
- Лифтови за складирање на вашата лична опрема
- Рампи или лифтови за сместување на инвалидска количка
За да научите како да ракувате со опремата ќе ви биде потребна одредена обука, а откако ќе ги совладате овие вештини најпрво ќе мора да спроведете тест возење.
Уште неколку совети
Без разлика дали имате потреба од специјална опрема во вашиот автомобил, сознанијата околу тоа како МС може да влијае на вашата способност за возење ќе ви помогне успешно да ги испланирате патувањата. На пример, не планирајте долги патувања ако знаете дека брзо се заморувате. Ако МС влијае на вашиот вид избегнувајте ноќно возење.
Можеби ќе ви помогне ако ја визуелизирате вашата маршрута пред да тргнете на пат. Размислете за патот кој треба да го поминете и работите кои обично ги гледате како семафори, куќи, мостови или трговски центри. Размислете каде ќе треба да свртите и како изгледаат улиците. Тоа ќе ви помогне да не се чувствувате збунети или изгубени на патот.
На некои лица со МС им е тешко да програмираат GPS систем, или да го слушаат уредот како ги најавува насоките. Затоа препорачуваме да го пробате традиционалниот метод: напишете ги упатствата пред да се качите во автомобил. Ова може да ви помогне да ги запомните и полесно да ги проверите насоките во случај да се изгубите на патот.
Неколку дополнителни совети за побезбедно возење։
- Избегнувајте да возите ако не се чувствувате добро. Други здравствени состојби може да ги влошат симптомите на МС
- Елиминирајте сѐ што ви го одвлекува вниманието. Исклучете го телефонот и радиото и замолете ги останатите патници да разговараат тивко или едноставно да уживаат во возењето
- Обидете се да не возите кога претпоставувате дека има густ сообраќај
- Избегнувајте возење при лоши временски услови.
Извор: https://www.webmd.com/multiple-sclerosis/ms-driving-adapt-vehicle
Забелешка: Рубриката „Најнови информации“ е дел наменет исклучиво за вести и информации на оваа веб страница за оваа болест. Не обезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени во оваа рубрика не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.