ПРОМЕНА ВО УСЛОВИТЕ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА ПРАВОТО НА ТРАЕН НАДОМЕСТОК ЗА РОДИТЕЛ НА ДЕТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ

Почитувани,
Во насока на навремено и соодветно запознавање со промените во законската регулатива кои влијаат на остварувањето на правата на дел од лицата со мултипла склероза и нивните семејства, Националното здружение за МС Ве информира дека Уставниот суд на седницата одржана на ден 07.10.2026 година донесе Одлука со која го укина член 60 став 2 во делот „кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 60 години на живот за жена, односно 62 години на живот за маж“ од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/2019, 146/2019, 275/2019, 302/2020, 311/2020, 163/2021, 294/2021, 99/2022, 236/2022, 65/2023 и 192/2025).
Одлуката влегува во сила по нејзино објавување во Службен весник на РСМ.
Со ваквата одлука, практично, се изменија дел од условите за користење на правото на траен надоместок за родител на дете со попреченост, така што, повеќе не е неопходно родителот да биде невработен и да не биде корисник на правото на пензија во моментот на поднесувањето на барањето. Исто така укинат е иделот од одредбата која се однесува на навршување на определени години возраст на барателот (60 години на живот за жена, односно 62 години на живот за маж).
Националното здружение за МС останува да го следи начинот на остварување на ова право, согласно новата состојба, како што впрочем во континуитет го следи спроведувањето на сите прописи и политики значајни за лицата со мултипла слероза.
Целосниот текст на одлуката на Уставниот суд може да го погледнете тука.