Средба на Националното здружение за МС со тимот на ГОБ „8 Септември“ – нов чекор кон подобра достапност на терапијата за лицата со МС

На 31 октомври 2026 година, претставници на Националното здружение за помош и поддршка на лицата со мултипла склероза остварија средба со претставници на Градската општа болница „8 Септември“, на која присуствуваше и медицинскиот персонал од Невролошкото одделение. Средбата беше можност за отворен разговор, размена на информации и воспоставување уште поблиска соработка во интерес на лицата кои живеат со мултипла склероза.
Претседателката на Националното здружение за МС, Ана Карајанова Димитрушева, изрази искрена благодарност за прифатената покана, гостопримството и издвоеното време од страна на медицинскиот тим. Воедно, накратко ја претстави работата на Здружението, неговата мисија и визија, насочени кон подобрување на квалитетот на животот на лицата со МС, застапување на нивните права, информирање, едукација и обезбедување континуирана поддршка.
Посебен акцент на средбата беше ставен на претстојниот почеток на издавање и администрирање терапија за мултипла склероза во ГОБ „8 Септември“. За Националното здружение ова претставува особено значаен момент и остварување на една од долгогодишните заложби. Можноста пациентите да добиваат терапија и во оваа здравствена установа е голем чекор напред во насока на подобра достапност на лекувањето и унапредување на здравствената грижа за лицата со МС.
Во разговорот со медицинскиот тим беа отворени прашања поврзани со подготвеноста на одделението за започнување на овој процес, просторот предвиден за примање на терапијата, како и обученоста на медицинскиот персонал за администрирање на истата. Претставниците на Здружението имаа можност да се запознаат со условите и просторот предвиден за терапија, со цел подобро информирање на пациентите за новите можности што им стојат на располагање.
Во рамките на средбата беа предадени и едукативни материјали за мултипла склероза, со замолница тие да бидат достапни и споделувани со пациентите. Беше истакната и важноста на поврзувањето на пациентите со Националното здружение, каде што можат да добијат информации, поддршка, да ги остварат своите права и да станат дел од заедница во која никој не треба да се чувствува сам во справувањето со болеста. Националното здружение упати апел до здравствените работници да ги информираат и упатуваат пациентите со МС кон Здружението, бидејќи заедништвото, информираноста и меѓусебната поддршка се од огромно значење.
Националното здружение за МС упатува искрена благодарност до раководството и медицинскиот персонал на ГОБ „8 Септември“ за отвореноста, гостопримството и подготвеноста за соработка. Веруваме дека оваа средба е почеток на едно долгорочно и конструктивно партнерство, во кое заедничката цел ќе биде секогаш иста – подобра здравствена грижа, поголема достапност на терапијата и поквалитетен живот за лицата со мултипла склероза. Затоа што секој пациент заслужува достапно лекување, поддршка и достоинствен живот. Заедно можеме повеќе!