Што е PIRA кај мултипла склероза?

8 факти што треба да ги знаете
Повеќето лица со мултипла склероза (МС) имаат доживеано релапси, познати и како влошувања или егзацербации. Дали знаете дека кај МС бавното влошување на симптомите може да се случува и независно од релапсите? Прогресија независна од активноста на релапсите (PIRA – porogression independent of relapse activity) е термин што се користи за да се опише тивката и бавна прогресија на МС надвор од релапсите.
Истражувачите откриваат дека PIRA може да е причина за мали промени во симптомите на МС, како зголемен замор, поголеми потешкотии при одење и влошување на „мозочната магла“. Научниците сè повеќе ја проучуваат PIRA, а некои претпоставуваат дека може да има воспалителна причина, дури и кога тестовите покажуваат дека МС е стабилна. PIRA е понов начин на гледање на МС од страна на лекарите и може да доведе до поголем фокус на забавување на прогресијата, наместо само на намалување на релапсите.
Можеби ќе сакате да разговарате со вашиот невролог за тоа како PIRA влијае на вашата МС. Еве неколку факти што можат да ви помогнат.
-
PIRA не е исто што и релапс
Повеќето лица со МС имаат релапсно-ремитентна мултипла склероза (RRMS). RRMS често се опишува како напредување по принцип на скали. Постојат периоди на релапси со нови или потешки симптоми, по кои следуваат периоди на ремисија (намалени или без симптоми) што може да траат со месеци или години.
Истражувањата покажуваат дека PIRA придонесува повеќе за инвалидитетот кај МС отколку релапсите.
Ако прогресијата на инвалидитетот кај RRMS е како скали, PIRA е како рампа со бавно и постојано опаѓање. Кај PIRA, влошувањето се случува дури и кога немате релапс. PIRA е многу потешко да се забележи од влошувањето поврзано со релапс. За да се измери оваа тивка прогресија, важно е внимателно долгорочно следење.
-
PIRA придонесува за инвалидитет повеќе отколку релапсите
Истражувањата покажуваат дека PIRA придонесува повеќе за инвалидитетот кај МС отколку релапсите. Иако на почетокот на болеста има мал ефект, со текот на времето станува многу поизразена. Ова е поочигледно денес бидејќи современите терапии се поефикасни во контролирањето на релапсите. Затоа станува јасно дека управувањето со МС значи повеќе од запирање на релапсите — значи и контролирање на тивката прогресија.
-
Внимателното следење на симптомите помага во следење на PIRA
PIRA често е тивка, со прогресија толку бавна што често се припишува на стареење. Таа вклучува постепени промени во:
- одење
- издржливост
- координација
- размислување
Овие промени се толку суптилни што лесно се отфрлаат како „само лош ден“ или „стареам“. Бидејќи може да се наталожат пред да ги забележите, важно е редовно да ги следите симптомите дома и да ги споделувате со вашиот здравствен тим.
-
PIRA е поврзана со „тивко“ воспаление
Најновите истражувања сугерираат дека PIRA е поврзана со ниско ниво на „тихо“ воспаление во мозокот и ’рбетниот мозок. Ова воспаление не секогаш се јавува околу активни лезии (оштетувања што се гледаат на МРИ). Постојаното воспаление може постепено да го оштетува миелинот — процес наречен демиелинизација. Кога нервните влакна се оштетени, симптомите може да се влошат. Ова може да се спореди со чад од оган кога не ги гледате пламените.
- PIRA се мери со специфични тестови
Вашиот невролог може да ја следи PIRA преку редовни тестови, како:
- EDSS (Expanded Disability Status Scale) — невролошки преглед што ги мери промените во мускулната функција, рамнотежата, координацијата, видот, меморијата и други функции со тек на време.
- Timed 25-Foot Walk — мери колку време ви е потребно да изодите 25 стапки.
- 9-Hole Peg Test — мери спретност на рацете
Ако резултатите се влошат и тоа трае најмалку шест месеци, повеќето лекари го сметаат тоа за доказ за прогресија на МС.
Вашите лични забелешки за симптомите се исто така важни. Вие најдобро го познавате вашето тело и можете да забележите суптилни промени. Редовно споделувајте ги со вашиот лекар.
-
Некои терапии подобро делуваат против PIRA
Сите терапии што ја модифицираат болеста (DMT) имаат за цел да ја намалат активноста на МС. Но одредени терапии со висока ефикасност помагаат и во забавување на PIRA.
Раното започнување со високо ефикасна терапија може да има најголем ефект во намалување на симптомите на PIRA и спречување долгорочен инвалидитет. Сепак, изборот на терапија е личен процес и треба да се донесе заеднички со вашиот лекар.
-
Постојат чекори што можете да ги преземете
Не сте беспомошни против PIRA. Покрај терапијата, промени во животниот стил можат да го поддржат здравјето на мозокот:
- Физичка активност
- Здрава исхрана (зелени листести зеленчуци, масна риба, бобинки, чај, ореви)
- Контрола на други состојби (висок притисок, холестерол, дијабетес)
- Помалку стрес
- Подобар сон
-
Запирањето на PIRA е фокус на истражувањата
Голем дел од истражувањата за МС се насочени кон разбирање и запирање на PIRA. Се работи на клинички испитувања за насочени терапии, стратегии за ремиелинизација (поправка на миелинот) и напредни техники за снимање што можат подобро да ја прикажат оваа тивка штета. Целта е да се развијат третмани што не само што ќе го смируваат имунолошкиот систем, туку и директно ќе ги заштитат нервите и ќе поттикнат регенерација во мозокот и ’рбетниот мозок.
Извор: https://www.mymsteam.com/resources/what-is-pira-in-ms
Забелешка: Овој текст има информативен карактер и необезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.