Националното здружение за МС во соработка со Lētz Care a.s.b.l. обезбеди ортопедски помагала за лицата со МС и ЈЗУ УК за Неврологија, Скопје

Хуманитарен гест ја зајакнува независноста
Националното здружение за мултипла склероза со гордост објавува дека, благодарение на плодната меѓународна соработка со хуманитарната организација Lētz Care a.s.b.l. од Луксембург, обезбедена е значајна донација на висококвалитетни ортопедски и помошни помагала за потребите на лицата со МС.
Оваа иницијатива претставува директна поддршка за оние кои се соочуваат со предизвиците на намалената подвижност, која е чест симптом на мултипла склерозата. Донираните помагала – кои вклучуваат инвалидски колички и ролатори – се од клучно значење за подобрување на квалитетот на животот на пациентите.
Квалитет на животот преку движење
За лицата со МС, ортопедските помагала се многу повеќе од само средства за движење. Тие се клуч за независност, достоинство и социјална инклузија.
„Честопати, квалитетните помагала се скапи и тешко достапни преку стандардните здравствени процедури. Оваа донација од Lētz Care a.s.b.l. директно го решава тој проблем, овозможувајќи им на нашите членови да ја вратат изгубената подвижност и да бидат активни учесници во секојдневниот живот“ изјави претставник од Националното здружение за МС.
Намалувањето на физичкиот напор и зачувувањето на енергијата, особено кај пациентите кои страдаат од хроничен замор (еден од најчестите и оневозможувачки симптоми на МС), се меѓу најголемите придобивки од користењето на соодветни и ергономски помагала.
Lētz Care a.s.b.l. – Партнер во хуманоста
Соработката со луксембуршката организација Lētz Care a.s.b.l. е пример за меѓународна солидарност. Организацијата, позната по својата посветеност на хуманитарни проекти, препознала колку е критична потребата за поддршка на лицата со МС во Северна Македонија.
Општествено одговорни субјекти
Испораката и дистрибуцијата на помагалата со цел да се обезбеди тие да стигнат до оние пациенти кои имаат најголема и најитна потреба, Националното здружение за МС ја обезбеди со помош на општествено одговорни ентитети Delamode Macedonia, Мондано Спорт.
Идни чекори и инклузивност
Националното здружение изразува огромна благодарност до Lētz Care a.s.b.l., Delamonde Macedonia и Мондано, за нивната великодушност и верување во мисијата на здружението. Овој хуманитарен чин е потсетник за сите надлежни институции за континуираната потреба од системско решавање на прашањето за ортопедските помагала, со цел секој граѓанин со МС да добие навремена и адекватна поддршка.
Со оваа донација, ние не само што им обезбедуваме помагала на нашите членови, туку испраќаме силна порака: Заедно сме посилни во борбата за инклузивно општество и подобар живот за сите лица со мултипла склероза!

За Националното здружение за МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platform, EMSP), полноправна членка на Светската алијанса на пациенти (анг. World Patient Alliance) и асоцијативна членка на Алијансата на пациентски организации (АПО).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.
За да дознаете повеќе за здружението посетете ја веб страницата.