Дали интервенцијата на каналите на забниот корен може да предизвика МС или влошување на состојбата?

Многу од лицата со МС се прашуваат дали стоматолошката интервенција на каналите на забниот корен може да предизвика МС, или предизвикува влошување на состојбата. Иако многу работи поврзани со МС сѐ уште не се целосно разјаснети, достапните научни докази не укажуваат дека интервенцијата врз каналите на забниот корен директно предизвикува МС или предизвикува влошување на состојбата и релапси.
Имајте на ум дека тригеминалната невралгија (болка од тригеминалниот нерв, која испраќа сигнали од лицето до вашиот мозок) може да се помеша со забоболка. Посетете го вашиот лекар за да бидете сигурни дека болката не се должи на болката на нервот предизвикана од МС.
Во оваа статија, ќе ја разгледаме поврзаноста помеѓу МС, здравјето на забите и стоматолошките интервенции.
Каналите на забниот корен и МС
Научните докази не покажуваат дека проблемите и интервенциите врз каналите на забниот корен предизвикуваат МС или пак предизвикуваат влошување на симптомите на МС. Сепак, нема опсежни научни истражувања кои се фокусираат конкретно на стоматолошките процедури и МС.
Чистењето на каналите на забниот корен е вообичаена стоматолошка процедура потребна кога забот е сериозно расипан или сериозно инфициран. За да се заштити забот се отстрануваат нервот и забната пулпа која го обвиткува (меко ткиво), а забот се затвора. Оваа интервенција е неопходна за да се спасат забите кои инаку би требало да се извадат.
Чистењето на каналите на забниот корен обично се изведува под локална анестезија, а процедурата трае еден до два часа. Повеќето пациенти по интервенцијата пријавуваат мала болка, а чувствуваат подобрување на симптомите речиси веднаш. По неколку дена одмор, повеќето пациенти можат да продолжат со своите вообичаени активности без никакви ограничувања.
Како МС влијае на оралното и денталното здравје?
МС и оралното здравје се поврзани директно и индиректно.
Лицата со МС имаат поголема веројатност да доживеат инфекции на непцата (периодонтитис), кариес и гингивитис. Пародонтопатијата придонесува за воспаление, што може да предизвика релапси на МС. Лицата со МС, во споредба со општата популација, имаат склоност кон пообемно заболување на непцата и зголемен број на расипани, изронети или пломбирани заби.
Овие фактори може да играат улога во зголемената потреба од стоматолошка интервенција врз каналите на забниот корен кај лицата со МС. Ако вашиот стоматолог препорача ваква интервенција, важно е да не ја одложувате или избегнувате. Оваа интервенција може да помогне да се спречи ширењето на инфекцијата и воспалението, како и потенцијалното влошување на симптомите на МС.
Симптоми на МС и оралното здравје
Правилното четкање на забите како и чистењето со помош на забен конец може да претставува предизвик ако се справувате со активни симптоми на МС, како што се проблеми со рамнотежата, спастичност, замор и намалена подвижност на рацете. Советите како користење електрична четка за заби и седење додека ги четкате забите може да помогнат. Лошата дентална хигиена доведува до воспаленија, орални инфекции и иритирани непца.
Лекови за МС и оралното здравје
Некој од третманите за модифицирање на болеста (DMT) и лекови кои се користат за управување со симптомите на МС имаат можни несакани ефекти кои можат да предизвикаат или придонесат за проблеми со оралното или денталното здравје. DMT може да влијае на зголемената потреба од стоматолошка интервенција врз каналите на забниот корен бидејќи се поврзани со зголемување на ризикот од инфекции. Некои од лековите кои се користат за третирање на симптомите на МС имаат несакани ефекти, како што е сува уста, што може да доведе до проблеми со забите.
MС, дентална хирургија и анестезија
Некои од лицата со МС се загрижени дали стоматолошките интервенции, операциите или анестезијата можат да го зголемат ризикот од релапс. Научните истражувања покажуваат дека нема поврзаност. Во една студија се анализирале податоците на 281 лице со МС кои биле подложени на 609 операции. Студијата покажала дека само 12 лица доживеале постоперативен релапс, што покажува дека ризикот од релапс кај МС не е зголемен со операцијата и анестезијата.
Редовно одржувајте контролни стоматолошки прегледи
Погрижете се редовно да добивате стоматолошка нега и не одложувајте ги потребните стоматолошки процедури. Одложувањето или избегнувањето на потребната интервенција може да го влоши денталниот проблем – потенцијално да доведе до влошување на симптомите на МС, како што се широко распространето воспаление или компликации како сериозна инфекција.
Разговарајте со стоматологот околу вашата состојба и лековите кои ги примате за третман на МС. Ако чувствувате забоболка или знаци на инфекција, важно е да го посетите вашиот стоматолог што е можно поскоро за евалуација и третман.
Извор: www.mymsteam.com/resources/do-root-canals-cause-ms-or-trigger-flares
Забелешка: Овој текст има информативен карактер и необезбедува медицински совет, дијагноза или третман. Оваа содржина не е наменета да биде замена за професионален медицински совет, дијагноза или третман. Секогаш побарајте совет од Вашиот лекар или друг квалификуван здравствен работник за било какви прашања што може да ги имате во врска со здравствената состојба. Никогаш не занемарувајте ги или одложувајте професионалните медицински совети поради тоа што сте го прочитале на оваа веб страница. Мислењата изразени не секогаш се мислења на Националното здружение за МС и наменети се да предизвикаат дискусија за прашања кои се однесуваат на мултипла склероза.