ЦРВЕН КРСТ НА РСМ ДЕЛ ОД СИСТЕМОТ НА ДАВАТЕЛИ НА СОЦИЈАЛНИ УСЛУГИ
Системот за поддршка на лицата кои имаат потреба од услуги од областа на социјална и здравствена заштита ја препознава Организацијата на Црвениот крст со својата мрежа низ градoвите во Републиката, како успешен давател на услуги веќе подолг период. Токму затоа Националното здружение за помош и поддршка на лицата со МС Ве потсетува на можноста да ги користите и Ви укажува како најлесно да дојдете до нив.
Црвениот крст на РСМ ја реализира услугата за персонална асистенција за лицата со попреченост, вклучително и за лица со МС, согласно критериумите од Законот за социјална заштита. Услугата ги опфаќа лицата со потешка и најтешка телесна попреченост и лицата со оштетен вид (оштетеност на над 97%) на возраст од 6 до 65 години.
Услугата за корисниците е бесплатна и опфатени се сите општини во градот Скопје, Битола, Струмица, Неготино, Струга, Гостивар, Велес и Куманово.
За користење на услугата, лицата со попреченост аплицираат во ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа во местото каде што живеат со следните документи:
- Конзилијарно мислење или наод и мислење за видот и степенот на попреченост (во оригинал или копија заверена на нотар)
- Изјава заверена на нотар дека корисникот нема склучено договор за доживотна издршка
- За членови на семејството на корисникот кои живеат во заедничко домаќинство со корисникот.
– Доколку членот на семејството е вработен-потврда за редовен работен однос
– Доколку е невработен (рачно напишана изјава дека не е во работен однос)
– Доколку е пензионер (прилог чек од пензија или пак рачно напишана изјава дека лицето е корисник на пензија)
– Доколку е ученик/студент, потврда од соодветната установа дека е вклучен во образовен процес
- Копија од извод од матична книга на родени за корисникот
- Лична карта на увид
- Доколку корисникот е вклучлен во образовен процес или е во редовен работен однос треба да достави потврда
- Формулар за самопроценка, изјава и согласност (кои ги издава ЦСР и се потполнуваат на лице место при аплицирање за користење на услугата)
Отткако лицето со попреченост ќе аплицира, стручно лице од центарот за социјална работа врши увид во поднесената документацијата и разгледува дали лицето ги исполнува критериумите за користење на услугата. Доколку лицето ги исполнува условите за користење на лична асистенција, Центарот за социјална работа го информира давателот на социјалната услуга (Црвен крст), дека има потреба од ангажирање на личен асистент за лице кое што аплицирало за користење на услугата за понатамошна координација околу начинот на користење на услугата со секој корисник поединечно.
Услугата помош и нега во домот која е наменета за лица со попреченост и лица над 65 годишна возраст, исто така се реализира согласно законските критериуми во повеќе градови каде како даватели на услугите се јавуваат повеќе организации/здруженија кои може да ги видите тука. (Црвен крст на град Скопје ја овозможува како бесплатна услуга за територијата на општина Карпош)
Повеќе информации околу специфичностите на овие две услуги и опфатот на истите може да прочитате овде како и на веб страниците на Црвен крст на РСМ и Црвен крст на Град Скопје.
Услугата – Посебен транспорт за стари лица и лица со попреченост е достапна само во Скопје и по субвенционирани цени. За повеќе информации во продолжение е линк.
За Националното здружение за МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platform, EMSP), полноправна членка на Светската алијанса на пациенти (анг. World Patient Alliance) и асоцијативна членка на Алијансата на пациентски организации (АПО).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.
За да дознаете повеќе за здружението посетете ја веб страницата http://msmakedonija.eu.org/za-nas.