Сите закони и прописи на едно место
Почитувани,
Националното здружение за МС, ве информира дека изминатиот период во соработка со тим правници посветено работевме на селекција, прочистување и консолидирање на позитивните законски и подзаконски прописи во кои се содржани правата кои можат да ги остварат лицата со мултипла склероза.
Текстовите на двесет и шесте правни прописи, со последните измени и дополнувања, ви се достапни на веб страната на Националното здружение за МС во делот закони и прописи и ќе бидат редовно ревидирани, така што на едно место ќе можете да го најдете секој потребен правен документ во кој се загарантирани вашите права.
Оваа иницијатива и ангажман на Националното здружение за МС беа преземени со цел олеснување на пристапот до важечките правни акти на државата и запознавање на лицата со МС со законите и прописите во кои се загарантирани правата кои можат да ги остварат. Прецизното посочување на правниот проблем ќе им помогне на институциите да Ви го понудат најсоодветното решение, а снаоѓањето во мноштвото прописи е почетна точка кон остварување на правата.
Прегледајте ги дваесет и шесте Закони и прописи на овој линк.
Со сето ова се потрудивме да ви го олесниме начинот како да постапите, иницирате и да си ги остварите правата, како еден од чекорите кон континуирана едукација за јакнење на свеста и поттикнување на сопствената одговорност како дел од системот за остварување на вашите права – бидејќи непознавањето на законот не е оправдување.
За Националното здружение за МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Од 7. мај 2020 година, Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platform, EMSP).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.