УРЕДБА ЗА ПРАВОТО НА ЛИЦАТА СО ИНВАЛИДНОСТ И ДРУГИ ЛИЦА ДА БИДАТ ОСЛОБОДЕНИ ОД ПАРТИЦИПАЦИЈА ЗА СТУДИРАЊЕ
Ве информираме дека Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 8. март 2022 година, донесе Уредба за правото на лицата со инвалидност и други лица да бидат ослободени од партиципација за студирање.
Правото на образование на лицата со попреченост на еднаква основа со другите е гарантирано со Конвенцијата за правата на лица со попреченост. Во таа насока и Законот за високо образование предвидува право на ослободување од партиципацијата за студирање на јавните високообразовни установи за овие лица.
Ова право се конкретизира преку Уредба во која се уредуваат категориите на лица кои се ослободени од партиципација, како и постапката за остварување на ова право. Погледнете го текстот на уредбата кој е достапен во делот „Закони и прописи“, а можете да го погледнете и на следниот линк.
Вашето образование е Ваша одговорност!
За Националното здружение за МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platfrom, EMSP), полноправна членка на Светската алијанса на пациенти (анг. World Patient Alliance) и асоцијативна членка на Алијансата на пациентски организации (АПО).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.