Десет месеци психолошка и психотерапевтска помош и поддршка за лицата со МС
Скопје, 05. јули 2021 година
Посебна гордост и радост ни претставува што проектот „Психолошка и психотерапевтска помош и поддршка за лицата со МС“ успешно се одвива веќе десет месеци.
Во периодот од септември 2020 година до денес одржани се повеќе од 232 индивидуални сеанси, пристигнати повеќе пофалби од корисниците на овој вид услуга на официјалниот меил на Националното здружение за МС и упатени позитивни зборови за проектот од нашите соработници и партнери.
Потребата од реализирање на ваков проект ја воочивме кога состојбата со COVID-19 зема замав и ни наложи ограничување во движењето, минимални контакти со блиските и едноставно непријатна состојба која влијае на нашиот психички статус, посебно што покрај товарот од справување со хронична болест се соочуваме со стресната положба предизвикана од КОВИД-19.
Да ве потсетиме дека корисниците оваа услуга ја користат бесплатно, додека сите трошоци за спроведување на истата ги покрива Националното здружение за МС.
Затоа, ги охрабруваме лицата со мултипла склероза, членови на Националното здружение за МС, да не се двоумат, туку да ја користат оваа услуга, бидејќи во последата година и пол се соочивме и сѐ уште се соочувавме со вонредна ситуација, кое би можело негативно да влијае на нашата здравствената состојба.
Сите детални информации (по однос на тимот на високостручни лица ангажирани за овој вид сервис, начинот на закажување и одржување на сеансите и др. ви се достапни на следниот линк.
Веруваме дека оваа услуга ќе ги исполни вашите очекувања, бидејќи секогаш се трудиме да го одржиме високиот стандард и професионалност на услугите кои ги нудиме, кое всушност и претставува остварување на нашата мисија и визија.
Секако ние не застануваме тука, веќе сме во преговори за реализирање на нови видови услуги и проширување и усовршување на постоечките во насока на остварување подобар квалитет на животот на лицата со мултипла склероза.
За Националното здружение за МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Од 7. мај 2020 година, Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platfrom, EMSP).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.