Првите вежби за лицата со мултипла склероза достапни на YouTube
Скопје, 28. април 2020 година
Националното здружение за мултипла склероза со особена чест и задоволство соопштува дека конечно е завршен проект кој во изминатиов период беше спроведувам во соработка со физиотерапевтот Илија Жежов. Како што претходно известивме, проектот има цел да се овозможи физиотерапевтска поддршка за лицата со мултипла склероза во домашни услови.
Идејата за овој вид ангажман потекна како резултат на новонастанатата состојба по прогласување на пандемијата на коронавирус и донесените препораки од страна на здравствените власти за дистанцирање, со цел заштита на нашето здравје, здравјето на нашите најблиски и здравјето на сите граѓани.
Од причина што лицата со мултипла склероза (МС) имаат потреба да останат активни и физички ангажирани во време на изолација, ја согледавме можноста неопходните вежби да ги направиме достапни и да можат во секое време, кога одговара на нивниот дневен распоред да ги изведуваат во комфорните услови на својот дом.
Внимателно одбраните вежби од стручни лица во областа на физиотерапијата ќе овозможат на лицата со МС да ја одржуваат својата телесна и мускулна подготвеност и оптимална спремност со цел одбегнување на прогресија на болеста и можно влошување на здравствената состојба.
Убедени сме дека пациентите со мултипла склероза ќе ги пронајдат вистинските вежби кои ќе им помогнат да ја одржат нивната здравствена состојба и позитивно ќе влијаат на расположението во овој период на вонредна состојба.
Вежбите се достапни на следниот линк.
Националното здружение за МС искажува огромна благодарност на физиотерапевтот Илија Жежов и Александра Ефремовска за нивната целосна посветеност, грижлива поддршка и несебична соработка во интерес на лицата со мултипла склероза.
Останете во добро расположение, вежбајте, почитувајте ги препораките дадени од страна на здравствените власти кои се креирани да го заштитат вашето здравје, здравјето на вашите најблиски и здравјето на сите граѓани.
За Националното здружение за МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година.
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.
Повеќе за здружението на следниов линк.