Прва регионална соработка на Националното здружение за МС
Скопје, 12. јули 2019 година
Со големо задоволство Ве информираме дека во тек на овој месец, Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза склучи два Меморандума за соработка со нашите регионални партнери, Društvo Multiple Skleroze Srbije (Сојуз за мултипла склероза од Србија) и MS Platforma Srbije (МС Платформа Србија).
Овие документи се потпишани со единствена цел, активен придонес во унапредување на квалитетот на живот на лицата со мултипла склероза (МС) и нивните семејства во рамки на двете држави каде здруженијата се регистрирани и активно работат. Фокусот на делување ќе биде насочен кон поттикнување на заедничка соработка и афирмација во областите од заеднички интерес.
Страните потписнички на Меморандумите се согласни, во рамки на своите можности да ги преземат сите потребни мерки и активности заради постигнување на следните цели:
- обезбедување на услови за подобрување на квалитетот на живот на лицата со МС и нивните семејства,
- имплементација, заштита, унапредување и усогласување на нивните права и интереси,
- идентификација на проблемите и заеднички пристап во нивното решавање,
- вршење на дејности и активности со цел подигнување на јавната свест за МС,
- натамошен развој и подигнување на соработката на двете договорни страни,
- подобрување на условите за тековно функционирање на договорните страни,
- обезбедување на континуирана и редовна форма на информирање на двете договорни страни за прашања и настани од значење за подобрување на општествениот, здравствениот и социјалниот живот на членовите.
Сметаме дека со потпишувањето на овие меморандуми ќе оствариме евидентен напредок во грижата за лицата со мултипла склероза, кое ќе резултира со поддршка на сите релевантни чинители кои вложуваат напори за спроведување на реформи во здравствениот и социјалниот систем во двете држави.
Исто така, размената на искуства и знаења од ваков вид е одличен начин за подобрување и усовршување на функционирањето на секој правен субјект, а за нас е причина повеќе бидејќи ја застапуваме оваа ранлива категорија на лица, која не ретко спаѓа во рангот на маргинализирана.
Ова е доказ дека кога треба да се работи во интерес и за доброто на лицата со оваа тешка дијагноза нема место за ривалство, туку само упорност и соработка која ќе допринесе за подобар квалитет на живот на лицата со мултипла склероза и нивните семејства.