Прелиминарен состанок по повод проект за утврдување на квалитетот на живот на лицата со мултипла склероза
Скопје, 20. декември 2019 година
Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза информира дека денес во библиотеката на ЈЗУ Универзитетската клиника за неврологија, Скопје се одржа работна средба на претставници на здружението, претставници на Македонската медицинска студентска асоцијација (ММСА) и членови на Медицинскo/стручниот одбор при Националното здружение за МС. Целта на иницијалниот состанок беше да се дефинираат активности и координација во насока на успешно спроведување на исклучително важен проект за лицата кои живеат со мултипла склероза (МС) во нашата држава.
Проектот насловен „Проспективно истражување на квалитетот на живот на лицата со МС во Република Северна Македонија“ ќе се спроведе од јануари до април 2020 година, а негова крајна цел ќе биде да се прикаже квалитетот на животот на пациентите со мултипла склероза во нашата држава. Ќе биде користен валидиран прашалник за испитување на квалитет на живот на лицата со МС, MSQOL-54. Планирано е во истражувањето да бидат опфатени голем број на лица со мултипла склероза со цел прибирање и добивање на релевантни и веродостојни податоци кои би биле неопходни за успешна реализација на овој проект.
Спроведувањето на ова истражување е од круцијално значење за лицата со МС, за здравствените работници и власти, бидејќи согласно добиените податоци, Националното здружение за МС заедно со сите релевантни чинители би ја насочило својата работа и дејствување кон подобрување на оние сегменти кои ќе се покажат како најкритични.
Планиранo е резултатите од истражувањето да бидат публикувани и презентирани на Интернационалниот медицински научен конгрес во организација на ММСА во мај 2020 година, под менторство на Медицинскo/стручниот одбор со помош и поддршка на Рош Македонија ДООЕЛ Скопје.
Веруваме дека лицата кои боледуваат од мултипла склероза ќе бидат отворени за соработка и ќе дадат свој придонес со цел успешно реализирање на овој проект кој ќе го утврди квалитетот на живот на лицата со МС во нашата држава.