Персонална асистенција наспроти услуги на помош и нега во домот
Здравствената состојба кај лицата со мултипла склероза (МС) во определени ситуации знае да манифестира отежнато движење односно отежнато извршување на некои активности. Заради одржување на квалитетот на животот на достоинственото ниво, во таквите ситуации системот на социјална заштита предвидел два вида на услуги: личната асистенција и услуги на помош и нега во домот.
Ќе се обидеме да ги објасниме категориите на корисници за кои секоја од овие услуги е наменета, како и условите под кои се користи. Иако се слични меѓу нив постојат суштински разлики бидејќи целта на секоја услуга е различна.
Двете социјални услуги кај нас сѐ уште се во развој, односно достапни се само во некои општини.
На овој линк проверете дали во вашата општина e достапна услугата за помош и поддршка во домот.
Личната асистенција се обезбедува, со цел да се овозможи независно и самостојно живеење, активно и рамноправно учество во заедницата, како и вршење секојдневни активности, кои лице без попреченост вообичаено ги врши без поддршка, додека услугата за помош и нега во домот има за цел да се оспособи корисникот за самопомош, односно да ја врати, стекне или одржи способноста самиот да се грижи за себе, за да продолжи да живее во сопствениот дом и да води независен живот во заедницата.
1. Личната асистенција се обезбедува за лица од 6 до 65 годишна возраст кои имаат потешка и најтешка телесна попреченост или потполно слепи лица во траење до 80 часа месечно и опфаќа:
– вршење основни и инструментални активности од секојдневниот живот во домот на корисникот (поддршка при одржување лична хигиена, облекување и соблекување, мобилност во домот, поддршка при хранење, користење тоалет и следење на виталните телесни функции- мерење телесна температура, притисок, шеќер, поддршка при извршување дневни домашни активности: чистење, посредување за поправки, перење, готвење, купување продукти, надворешна мобилност, земање медицинска терапија, користење телефон и помош при управување со буџет).
– помош и поддршка на работно место, во образовна установа/ центар каде корисникот обавува активности на оспособување (помош и поддршка при патување од и до работно место, образовна установа/ центар за оспособување, како и помош и поддршка при движење во просторот и задоволување лични потреби како што се користење тоалет, исхрана, облекување, додека траат активностите, помош и поддршка при читање книги, стручна литература, користење информатичка технологија, во остварување комуникација со други луѓе, институции и организации);
– помош и поддршка во заедницата во која живее корисникот (помош и поддршка при користење на сите видови превоз, за присуство на општествени и јавни настани, во комуникација и посредување со лица, институции и организации, како и во користење социјални, здравствени и други услуги, за посета и активно учество на образовни, рекреативни, спортски,културно-забавни и други настани од интерес на корисникот, одржување контакти со роднини, социјализација и продуктивно поминување на слободното време).
Како се оствавува? Корисникот поднесува барање со потребната медицинска документација (наод и мислење за видот и степенот на попреченост) до надлежниот центар за социјална работа, кој ги определува видот и обемот на активностите како и лицето кое ќе биде личен асистент. Корисникот и личниот асистент имаат период на взаемно прилагодување кој трае до 30 дена, а доколку постои несогласување центарот може да определи друг асистент. Додека трае користењето на услугата центарот може да врши увид на начинот на кој се обезбедува услугата.
Услугата ја даваат исклучиво лиценцирани лични асистенти, при што личен асистент не смее де биде лице кое е член на семејството на корисникот, односно лице кое живее во исто домаќинство со него. Лична асистенција не можат да користат лица кои имаат склучено договор за доживотна издршка.
Текстот на овој правилник ќе го најдете на Веб страната на Националното здружение за МС www.msmakedonija.eu.org, во делот Закони и прописи, односно тука.
2. Услугата помош и нега во домот може да ја користат лица со најтешка попреченост, односно комбинирана попреченост со највисок степен, потполно слепи лица, стари лица со навршени 65 години живот и други лица со намален функционален капацитет кои не можат сами да се грижат за себе.
Корисиците може да ја добијат услугата за помош и нега во домот, доколку помошта во домот не можат да ја обезбедат нивните брачни другари, родители или деца, поради заснован работен однос, нарушена здравствена состојба и старост, како и доколку немаат склучено договор за доживотна издршка, односно покренале постапка за раскинување на таков договор.
Услугата се обезбедува во траење до 80 часа месечно и опфаќа:
– Основни активности од секојдневниот живот (одржување лична хигиена, облекување, мобилност во домот, хранење, користење тоалет и менување пелени и подлоги во случај на континенција) – до 40 часа
– Инструментални активности од секојдневниот живот (поддршка при чистење, посредување за поправки, перење, готвење, купување, продукти, надворешна мобилност, земање медицинска терапија, користење телефон и помош во управување со буџет) – до 40 часа. Важно: помошта за овие (инструментални) активности не може да се добие ако во домаќинството има лице со заснован работен однос или старо лице со целосно сочуван функционален капацитет.
Степенот на намаленост на функционалниот капацитет се проценува од страна на матичен лекар (за основните активности) и од страна на водителот на случај во Центарот за социјална работа (за инструменталните активности) при што може да се утврди дека постои:
– целосно отсутен функционален капацитет, односно целосно зависен;
– значително намален функционален капацитет, односно зависен во поголем обем;
– намален функционален капацитет, односно зависен во помал обем;
– целосно сочуван функционален капацитет, односно целосно независен.
Важно е дека водителот на случај проценката ја прави во домот на корисникот, при што може да ја ревидира и проценката за основните активности од матичниот лекар, и ако утврди различна состојба се бара второ мислење од друг лекар/ Комисија. Покрај медицинската документација потребно е да се обезбеди доказ дека друго лице од домаќинството не може да ја обезбеди помошта во домот како и доказ дека корисникот нема склучено договор за доживотна издршка.
Текстот на овој правилник ќе го најдете на Веб страната на Националното здружение за МС www.msmakedonija.eu.org, во делот Закони и прописи, односно тука.
Важно: Лице кое користи лична асистенција која се реализира со надоместување на трошоци од Центарот за социјална работа, не може да користи услуга за помош и нега во домот
Услугата за помош и нега во домот ја даваат лиценцирани негователи определени со Решение од Центарот за социјална работа, при што ќе се има предвид и мислењето на корисникот.
За Националното здружение за МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platform, EMSP), полноправна членка на Светската алијанса на пациенти (анг. World Patient Alliance) и асоцијативна членка на Алијансата на пациентски организации (АПО).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по
однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.
За да дознаете повеќе за здружението посетете ја веб страницата http://msmakedonija.eu.org/za-nas.