Официјализирана соработката со Ротари Клуб Скопје Интернационал
Скопје, 06.09.2019 година
Со огромна чест и задоволство, Националното здружение на МС објави дека се официјализира соработката помеѓу Националното здружение на МС и Ротари клубот Скопје Интернационал со потпишување на Меморандум за разбирање на 3. септември 2019 во просториите на хотелот TCC Plaza.
Страните потписнички на Меморандумот, соработката ќе ја остваруваат преку:
- развој и имплементација на заеднички проекти,
- промоција на проекти на Националното здужение за МС,
- идентификување и насочување на донатори,
- директна поддршка на активностите на здружението и
- финансиска поддршка по пат на донации и реализација на проекти активности во интерес на лицата со мултипла склероза.
Двете дами кои ставија свој потпис на овој документ, Емилија Пајковска од Ротари клуб Скопје Интернационал и Ана Карајанова-Димитрушева како претставник на Националното здружение за МС во своите кратки обраќања беа согласни дека Меморандумот е почеток на една одлична и плодна соработка која би резултирала со успешно остварување на голем број придобивки за сите лица кои се соочуваат со оваа тешка болест – мултипла склероза.
Оваа соработка претставува одлична можност за реализација на проекти и планирани програмски активности а кои веруваме ќе напишат ново поглавје во справувањето со предизвиците на оваа сериозна, хронична болест, каде фокусот ќе биде насочен кон подобрување на квалитетот на живот на лицата со мултипла склероза и членовите на нивните семејства.
За Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област. Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.
Кој е Ротари клуб Скопје Интернационал?
Ротари клубот Скопје Интернационал е основан на 18. мај 2018 г. кога станува член на Ротари Интернационал, глобална мрежа на 1,2 милиони пријатели, лидери и решавачи на проблеми кои го гледаат светот каде луѓето се обединуваат и превземаат активности за правење долгорочни промени во целиот свет, во нашите заедници и во нас самите. Ние им служиме на другите, промовираме интегритет, го подобруваме разбирањето во светот, оптимизмот и мирот преку заедништвото на лидерите од деловниот и професионалниот свет и од заедниците.