Националното здружение за МС е членка на World Patient Alliance
Со исклучително задоволство ви објавуваме дека на 20.01.2021 година апликацијата на Националното здружение за МС беше одобрена од Комитетот за членство и Управниот одбор на Светската алијанса на пациенти (World Patient Аlliance) и со овој чин Националното здружение за МС стана членка и дел од светското семејство на организации на пациенти.
Светската алијанса на пациенти / World Patient Alliance (WPA) е водечка организација на пациенти и организации на пациенти ширум светот која обезбедува платформа за зајакнување и подигнување на гласот на пациентите со цел обезбедување и пристап до безбедна, квалитетна и достапна здравствена заштита. Нивната работа е насочена кон обезбедување на активна улога на пациентите во сите фази на здравствената заштита што вклучуваат планирање, обезбедување, следење, истражување и евалуација на здравствените услуги.
Со нашето членство во оваа организација ќе се стремиме и ќе делуваме за да ја оствариме глобалната визија: сите пациенти да имаат пристап до безбедна, квалитетна и прифатлива здравствена заштита насекаде во светот. Ќе работиме заедно за да ја исполниме мисијата да бидеме глобален глас на пациентите кои работат кон зајакнување и ангажирање на пациентите, подобар пристап, безбеден и иновативен третман и здравствена заштита низ целиот свет.
Основни правила/принципи на WPA се:
- Пристап до здравствена заштита: Секој пациент треба да има пристап до здравствена заштита што вклучува навремени, ефективни, достапни, оптимални и иновативни третмани за нивната состојба;
- Здравствена заштита насочена кон пациентот: Пациентите и давателите на здравствени услуги мора да работат во партнерство за да се осигурат индивидуалните здравствени потреби на пациентот и посакуваните здравствени резултати се во фокусот на сите здравствени одлуки, вклучително физички, емоционални, психо-социјални и економски аспекти;
- Финансиски тешкотии: Пациентите треба да имаат опции за здравствено покритие кои им обезбедуваат здравствена заштита и воедно ги штитат од финансиски тешкотии;
Зајакнување на улогата на пациентите: Пациентите треба да бидат поддржани и овластени да ги изразат своите потреби, проблеми и преференции и да им се обезбеди можност да имаат глас во донесувањето одлуки за нивните третмани; - Безбедност и квалитет на пациентот: На пациентите треба да им се обезбедат третмани кои се безбедни, квалитетни и соодветно следени;
- Едукација и информации за пациентите: Заинтересираните страни треба да обезбедат едукација на пациентите на разбирливи и достапни начини за нивната состојба и опциите за лекување. Тие мора да бидат обезбедени со информации што се едноставни, релевантни и сеопфатни;
- Партнерство и соработка: Пациентите треба да бидат партнери и да соработуваат со сите засегнати страни за обезбедување и пристап до безбедна, квалитетна и достапна здравствена заштита;
- Ангажман на пациентите: Пациентите треба да бидат поддржани и да им се обезбеди можност да бидат ангажирани на сите нивоа на донесување одлуки во врска со нивната здравствена заштита;
- Без дискриминација: Пациентите кои бараат нега не смеат да бидат дискриминирани врз основа на возраста, полот, сексуалната ориентација, религијата, етничката припадност, приходот, здравствениот статус, образованието, географската локација, правниот статус или други слични фактори.
Повеќе информации за WPA https://www.worldpatientsalliance.org/
ЗА НАЦИОНАЛНОТО ЗДРУЖЕНИЕ ЗА МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Од 7. мај 2020 година, Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platfrom, EMSP).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.