Националното здружение за МС е асоцијативна членка на Алијансата на пациентски организации
Скопје, 21. октомври 2020 година
Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС информира дека од денес здружението стана асоцијативна членка на Алијансата на пациентски организации (АПО).
На 21.10.2020 година, во тек на редовното одржано Годишно Собрание на Алијансата на пациентски организации беше разгледана апликацијата за членство и согласно исполнетите критериуми, едногласно беше донесена одлука за прием на Националното здружение за МС како асоцијативна членка.
„Ова претставува потврда дека Здружението за МС е препознаено како сериозен правен субјект од страна на оваа влијателна Алијанса која ги обединува и претставува правата и потребите на пациентите во нашата држава. Ова за нас претставува потврда за нашиот квалитет и посветеност во работата кон остварување на целта на нашето постоење. Членството во Алијансата на пациентски организации претставува остварување на нашата заложба за исполнување на нашата визија и мисија во партнерство и соработка со други сериозни пациентски организации.“ – изјави Ана Карајанова-Димитрушева, Претседателка на Националното здружение за МС.
Во Алијансата на пациентски организации членуваат пациентски организации, односно здруженија на пациенти кои во својата дејност се занимаваат со проблемите поврзани со заштита на правата на пациентите кои боледуваат од различни видови на болести, овозможување на достапност за лекување, подобрување на условите за лекување и подобрување на квалитетот на живот на пациентите.
Ние не застануваме тука бидејќи ова претставува дополнителен мотив и поттикт, во иднина, Здружението да дејствува многу посилно заедно со другите пациентски организации во нашата држава и надвор кои имаат долгогодишно искуство, долгорочна стратегија и успех во работата во оваа проблематика во интерес на пациентите.
Ќе продолжиме да работиме за подобар здравствен систем и здравствени услуги за нашите граѓани, здружени заедно во борба против болестите.
ЗА НАЦИОНАЛНОТО ЗДРУЖЕНИЕ ЗА МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година. Од 7. мај 2020 година, Националното здружение е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platfrom, EMSP).
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.