Формиран Медицински/стручен одбор при здружението
Скопје, 19.09.2019 година
Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза информира дека неодамна како работно тело во рамките на здружението се формира Медицински/стручен одбор во кој членуваат надворешни членови, медицински експерти докажани во својата област со долгогодишно работно искуство и знаење, поврзани со целите и активностите на здружението.
Медицинскиот/стручен одбор е во следниот состав:
- науч. сор. д-р Иван Барбов
- науч. сор. д-р Игор Кузмановски
- науч. сор. д-р Николина Тановска
- д-р Бојан Бошковски
- д-р Слободанка Бурнеска Саздова
- дипл. мед. сестра Јасмина Коруноска
- дипл. мед. сестра Валентина Боневска
сите од ЈЗУ Универзитетската клиника за неврологија, Скопје.
Улогата на членовите на одборот ќе биде да дадат свој придонес во советување, помош, поддршка и имплементација на проекти, организирање на различни настани, конференции, подготовка на стручни материјали и консултации за имплементирање на протоколи за дијагноза и третман на мултипла склероза, како и стручна поддршка во креирање на стратегии.
За Националното здружение за МС
Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза – Национално здружение за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза. Oсновано е на 20. март 2019 година.
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината.
Повеќе за здружението на http://msmakedonija.eu.org/za-nas.